КОЛКУ ВРЕДАТ ОСВОЕНИТЕ БОДОВИ ВО ПРЕМИЕРЛИГАТА

Барнли секој освоен бод го „плаќа" 2,2 милиони фунти, а бодче на Челзи вреди 12,9 милиони

Ако се пресметаат парите кои клубовите ги даваат за плати на играчите и се поделат со бројот на освоени бодови, Барнли е убедливо најдобар

објавено: 14 декември 2017 - 22:15

По 17 одиграни кола во Англија, неверојатен е фактот дека „малиот" Барнли е „рамо до рамо" со Ливерпул и Тотенхем, еден бод е пред Арсенал, а само два бода е зад актуелниот првак Челзи.

Барнли е најпријатното изненадување на сезоната и тим кој покажува дека не треба да се вложува „цело богатство" и да се има многу ѕвезди во екипата, за да се има добри резултати. Според статистиката, Барнли има примено само 12 погодоци и единствено Манчестер Јунајтед со 11 примени гола, има подобра одбрана. Во досегашните 17 меча победија девет пати, а седум од тие триумфи им е со резултат 1:0.

Ако се пресметаат парите кои клубовите ги даваат за плати на играчите и се поделат со бројот на освоени бодови, Барнли е убедливо најдобар. За секој од досега освоените 31 бодови, Барнли „платил" 2,2 милиони фунти. Во споредба со Барнли, лидерот Манчестер Сити, досега има освоено 49 бодови, а секој бод го „плаќа" по 10,3 милиони фунти.

Просекот за секој освоен бод на Манчестер Јунајтед е 11,7 милиони фунти, додека на Челзи е 12,9 милиони евра. Токму Челзи на стартот од сезоната, на свој терен загуби од Барнли со 3:2 и тогаш беше најавено дека ќе има „натрапник" во горниот дел од табелата во Премиерлигата.

Најново во Меѓународен Фудбал