ТРКАЛОТО МНОГУ БРЗО СЕ СВРТЕ

Барселона осети како лани им беше на играчите на ПСЖ

Пред само една година беа творци на најголемиот пресврт во историјата на Лигата на шампионите, а сега се само третиот клуб кој прокоцкал предност од барем три гола

објавено: 11 април 2018 - 13:50

Чуден и непредвидлив е фудбалот, а и затоа е највозбудлив. Низ годиниве, Барселона важеше за тимот кој никогаш не се предава и нема недостижен резултат за Лионел Меси и останатите. Тоа и го докажаа лани, кога во осминафиналето од Лигата на шампиони успеаа да испишат историја. 

Во двомечот против Пари Сен Жермен, на првиот дуел загубија со 4:0 и на реваншот мораа да бркаат неверојатна негатива. Сепак, на крајот, по завршување на вториот меч, на семафорот на „Камп Ноу“ стоеше резултат 6:1, што значеше дека Барселона оди понатаму. 

Сигурно никој не верувал дека само една година подоцна, речиси истата Барселона нема да може да сочува предност од 4:1 по првиот меч против Рома. Италијанскиот тим славеше на реваншот на „Олимпико“ со 3:0 и го елиминираше фаворитот. 

Ова е само трет пат во историјата на ЛШ еден тим да испадне откако пропуштил предност од три гола. Освен ланскиот случај со ПСЖ, тоа се има случено и на Милан. Во 2004 година, „росонерите“ имаа 4:1 по првиот меч против Депортиво Ла Коруња, а Шпанците на реваншот на свој терен победија со 4:0. 

Најново во Меѓународен Фудбал