ШВАЈЦАРЕЦОТ ВЕЛИ ДЕКА НЕМА ОБВИНЕНИЈА ПРОТИВ НЕГО

Блатер се сретнал со обвинители од САД


Поранешниот претседател на ФИФА, Сеп Блатер открива дека се сретнал со луѓе од американското јавно обвинителство, но не е дел од истрагата за корупција во фудбалот

објавено: 21 април 2017 - 17:30

81-годишниот Швајцарец, кој е суспендиран на шест години од комисијата за етика на ФИФА по серијата скандали, вели дека не е под сомнеж на американските власти. Десетина официјални лица од фудбалот, вклучувајќи поранешни функционери во ФИФА беа обвинети во 2015 година за корупција во САД, но меѓу нив не беше Блатер.

„Имав малку контакт од моите американски адвокати бидејќи никогаш не сум бил личност под интерес на американското законодавство. Бев истражуван за некои работи, но нема обвинувања. Ме прашуваат од време на време за активностите во ФИФА, но тоа не значи ништо“, вели Блатер.

Тој вели дека сè уште се чувствува сакан од своите швајцарски сонародници.

„Тука во Цирих, но и во цела Швајцарија не само што сум прифатен, туку им се допаѓам. Немам чувство дека сум отфрлен човек. Зошто би бил? Завршив добра работа во ФИФА“, завршува Блатер.

Најново во Меѓународен Фудбал