КОЈ ЈА ОДБЕЛЕЖА 2016 ГОДИНА

Чудото Лестер и магичниот Роналдо

Во англиската Премиерлига се случи најголемото изнанадување во историјата, а Португалецот едноставно беше феноменален и освои се што беше највредно

објавено: 30 декември 2016 - 10:00

Многу радости, голови, трофеи, историски достигнувања, но и една голема тага ја одбележаа 2016 година. Кога се работи за резултатите, две нешта ќе останат запамтени во годината која си заминува. Тоа е титулата која ја освои Лестер во англиската Премиерлига, како и доминацијата на Кристијано Роналдо. Ова беше и година на репрезентативни натпреварувања на двата најфудбалски континенти. Европа и Јужна Америка ги крунисаа најдобрите селекции.

ЛЕСТЕР ПОКАЖА ДЕКА СРЦЕТО И ЖЕЛБАТА СЕ ПОСИЛНИ ОД ПАРИТЕ

Најголемото изненадување не само во 2016 година, туку можеби и во иторијата на домашните првенства го направи екипата на Лестер. Премиерлигашот го направи тоа во кој речиси никој не очекуваше, стана шампион на Англија. 

Лестер зад себе ги остави Арсенал, Тотенхем, Манчестер Сити, Манчестер Јунајтед, Ливерпул и Челзи и на крајот го крена големиот трофеј наменет за шампионот. Новиот првак во своите редови немаше ниту една голема ѕвезда. Предводени од италијанскот стратег Клаудио Раниеро на клупата и Ријад Марез и Џејми Варди на теренот, Лестер покажа дека срцето и желбата може да бидат посилни од сите пари на противниците. На крајот историската прва титула во првенството Лестер ја освои со двоцифрена предност пред сите останати конкуренти. 

Во останатите првенства во Топ 5 лигите немаше никакви изненадувања и шампионите го одбранија тронот. Јувентус остана да доминира во Италија, Барселона повторно беше прва во шпанската Примера, Баерн Минхен е неприкосновен во Бундеслигата, а Пари Сен Жермен ги освои буквално пехарите во сите натпреварувања во Франција. 

РОНАЛДО Е НА ТРОНОТ НА СИТЕ НАЈГОЛЕМИ НАТПРЕВАРУВАЊА

Кога се работи за фудбалерот кој ја одбележи годината, неизбежно е името на Кристијано Роналдо. Ѕвездата на Реал Мадрид направи резултати за подвиг. Роналдо беше предводник на „кралскиот клуб“, кој по рекорден 11 пат стана европски првак. Во финалето на „Сан Сиро“ во Милано, Реал дури по подобро изведување на пенали го победи градскиот ривал Атлетико. 

Со овој триумф, мадридскиот гигант си обезбеди место во Суперкупот на Европа, кој го освои со победа над Севилја. „Шлагот“ на успешната клупска година стигна пред само две недели, кога Реал и Роналдо триумфираа на Светското клупско првенство. Очекувано Португалецот беше прогласен за најдобар играч.

 Освен таа награда, Роналдо ги доби и речиси сите останати најзначајни индивидуални награди, меѓу која е и „Златната топка“. Освен клупската доминација, тој беше дел и од историското Европско првенство за Португалија.

ПОРТУГАЛИЈА ИСПИША ИСТОРИЈА, ЧИЛЕ СТАНА КОШМАР ЗА АРГЕНТИНА

На континенталниот собир во Франција, селекцијата н Португалија во финалето дури по продолженија минимално со 1:0 го победи домаќинот и стигна до златото. Роналдо се повреди во финалето и не го доигра, но на крајот прв го крена трофејот наменет за европскот првак.

Освен континенталното првенство на Европа, имаше и турнир за најдобра репрезентација во Јужна Америка. Се играше Копа Америка и тоа во чест на јубилејот 100 години од ова натпреварување. Финалето беше како реприза на тоа од 2015 година.

Чиле и Аргентина се бореа за трофејот. Сите очекуваа дека Лионел Меси ќе ги предводи „гаучосите“ до златото, но Чиле, повторно по подобро изведување на пенали остана на тронот во Јужна Америка. 

ЛЕТО ЗА ИСТОРИСКИОТ ТРАНСФЕР НА ПОЛ ПОГБА

Дека фудбалот е многу повеќе од игра и дека се вртат големи пари покажа и летниот преоден рок. Ѕвездата на Јувентус, Пол Погба го направи најголемиот трансфер во историјата на фудбалот. За рекордни 105 милиони евра од Торино замина во Манчестер Јунајтед. 

Погба во Торино дојде токму од „Олд Трафорд“, но како слободен играч, а сега го плати за рекорден трансфер. Освен Погба, рекорд, но во италијански рамки направи и Гонзало Игуаин, кој од Наполи замина во Јувентус за сума од 94 милиони евра. 

Крајот на годината го одбележа и трансферот на Карлос Тевез од Бока Џуниорс во Шангај. Аргентинскиот напаѓач е најскапоплатениот играч. Годишно ќе добива 37,5 милиони евра. 

СВЕТОТ ПЛАЧЕШЕ ЗА ТРАГЕДИЈАТА НА ШАПЕКОЕНСЕ

Црната точка за 2016 година е авионската несреќа, во која загинаа дури 19 играчи и речиси цел стручен штаб на бразилскиот клуб Шапекоенсе. Екипата патуваше за Колумбија, каде требаше да го игра финалето на Судамерикана Купот против Алтетико Насионал, но на неколку минути пред слетување во Меделин, авионот се сруши.

Во несреќата загинаа 71 од вкупно 77 луѓе кои беа во авионот. Меѓу преживеаните беа и тројца играчи. Атлетико Насионал направи фер-плеј потег и реши финалето да не се игра, а трофејот да биде доделен на Бразилците, кои во 2017 година треба да создадат комплетно нов тим и да покажат дека се посилни од несреќата и да играат во чест на сите оние кои беа во авионот.  

 

Најново во Меѓународен Фудбал