ГОЛЕМА ДИСПРОПОРЦИЈА НА ФИНАНСИСКИ ПЛАН МЕЃУ ПРЕДВОДНИЦИТЕ

Хоџсон најплатен селектор на ЕП, Слуцки страда поради Капело (ФОТО)

Предводникот на англиската репрезентација Рој Хоџсон е најплатен селектор на Европското првенство што денеска почнува во Франција.

објавено: 10 јуни 2016 - 08:43

Искусниот стручњак има договор со Фудбалската асоцијација за годишна плата од 3,5 милиони фунти, за 350 илјади фунти повисока отколку на Антонио Конте. Првата петорка ја комплетираат Фатих Терим (2,7 милиони), Јоаким Лев (2,15 милиони) и Висенте дел Боске (два милиони).

Од оние што добиваат плата, на дното се наоѓа романскиот селектор Ангел Јорданеску кој работи за 92 илјади фунти годишно. Сепак, најголемиот куриозитет на ова Европско првенство е селекторот на руската репрезентација Леонид Слуцки. Тој го презеде националниот тим во вториот дел од квалификациите и дојде на местото на Фабио Капело кој не ги оправда очекувањата и предвреме мораше да си замине од селекторската позиција.

Токму поради Капело, настрада и Слуцки. Тој е актуелен тренер на ЦСКА Москва и влета во селекторската авантура за да ја спаси руската репрезентација, во што и успеа, работејќи паралелно на двете места. Поради скапиот раскин на договорот со Капело кој изнесуваше околу седум милиони евра, Фудбалската федерација на Русија со Слуцки склучи соработка без обврска да му дава плата за да заштеди пари. Искусниот стручњак работи само за бонуси, дел доби со пласманот на Европското првенство, а дел би добил во зависност од пласманот во Франција. Наградата за него може да дојде по континенталниот шампионат бидејќи најверојатно ќе биде назначен за перманентен селектор и тогаш ќе добие соодветен договор со финансиски детали.

Интересно е тоа што најдобро и најслабо платените селектори на Европското првенство, Рој Хоџсон и Леонид Слуцки со своите репрезентации се најдоа во иста група.

Најново во Меѓународен Фудбал