НЕМАЛО ВАКВО НЕШТО ВО СВЕТСКИОТ ФУДБАЛ

ФЕНОМЕН: Има 21 година, а веќе шест пати бил првак во Италија, Германија и Франција

Ако вака продолжи, Кингсли Коман сигурно ќе стане светски рекордер по бројот на освоени шампионски трофеи

објавено: 10 април 2018 - 14:17

Легендарната генерација на Манчестер Јунајтед предводена од Сер Алекс Фергусон на клупата, а со Рајан Гигс на теренот, освои дури 13 титули во англиската Премиерлига. Во таа шампионска генерација на Манчестер се и Пол Скокс, Гери Невил, Денис Ирвин, Рој Кин, Дејвид Бекам, Ники Бат, Фил Невил, Рио Фердинанд. Сите овие може да се пофалат со 11, 8, 7 и многумина од нив со по шест шампионски трефеи. 

Токму поради победничкиот дух, овие играчи станаа легенди не само на Манчестер, туку и во светскиот фудбал. Сега, може да се каже дека има играч, кој веќе има „загрозено“ поголем дел од овие играчи по бројот на титули, а има само 21 година. Тоа е Кингсли Коман, момчето родено во Париз. 

Профи кариерата Коман ја започна во 2013 година и веднаш се израдува на шампионски трофеј со Пари Сен Жермен во Франција. Следната сезона иста беше ситуацијата. Се радуваше на пехарот со „светците“ во 2014 година. Неговиот талент го забележаа во Јувентус и направи трансфер во Италија. Следната сезона со „старата дама“ ја освои и Серија А, а потоа беше даден на позајмица во Баерн Минхен.

Како што замина во Баерн, продолжи да се радува на титули во домашниот шампионат. Веќе три години е дел од баварскиот гигант, а Коман три пати пие од шампионското пиво во Германија. Младиот талентиран играч кој има само 21 година, веќе има дури шест шампионски трофеј, нешто што никогаш претходно не му успеало на ниту еден друг играч во светот, на негова возраст и плус тоа да го направи во три од петте најсилни лиги во светот.

Како што е доминантен Баерн во Германија, доколку Коман не направи некој неочекуван трансфер, може да се каже дека Французинот уште долги години ќе биде шампион и ќе влезе во редовите на легендите на светскиот фудбал, по бројот на освоени титули.  

 

 

Најново во Меѓународен Фудбал