ФРАНЦУСКИОТ „ВУНДЕРКИНД“ БИЛ ПРЕД ТРАНСФЕР ВО ЛОНДОН

Како Челси го испуштиле Мбапе?

Младиот француски фудбалер бил на проба во Челси уште пред да оди во Монако, но зделката не се случила

објавено: 14 септември 2018 - 19:30

На само 19-годишна возраст Килијан Мбапе зад себе ги има трофеите од Лига 1, француските купови, и титулата светски шампион со Франција. Кога ПСЖ искешира 180 милиони евра за него, многумина мислеа дека талентираниот фудбалер не вреди толку. Но, сепак Мбапе со својата игра докажа дека францускиот шампион ја донел вистинската одлука.

Тој можел многу лесно да замине во друг клуб. Челси, бил најблиску до него но, „Сините" ја пропуштија шансата и останаа без него. Во 2012. година поранешниот скаут на Челси, Серж Даниел Бога го донел Мбапе, во тренинг-центарот на лондонскиот клуб, а крилниот фудбалер веднаш импресионирал. Клубот од „Стемфорд бриџ" сакал уште една проба но...

Челси беше првиот клуб кој го донесе на проба. Имав пријател кој работеше во Најки, и кога бев во Франција се видовме, и ми кажа 'Дали си чул за едно младо момче кое се вика Мбапе? Тој игра во еден мал клуб од една населба во Париз'. Веднаш се јавив во Лондон и им кажав дека има еден талент кој мора да го видиме", се потсетува Бога.

МАЈКА МУ ОДБИЛА УШТЕ ЕДНА ПРОБА
Скаутот веднаш ја организирал пробата и го донел целото негово семејство во Лондон. Клубот од „Стемфорд бриџ" сакал уште една проба меѓутоа, мајката на Мбапе не дозволила.
Го донесов со целото негово семејство. По една недела во Челси, отидовме во канцеларијата. Му кажавме дека сме задоволни од него, но дека сакаме уште една проба. Не можам да ги заборавам зборовите на мајка му. 'Син ми нема да се враќа. Ако сакате потпишете го сега, или ќе го барате за пет години, но тогаш ќе треба да платите 50 милиони'. Таа како да знаеше дека нејзиниот син ќе биде еден од најдобрите фудбалери. Но, Мбапе веќе не вреди 50 милиони туку многу повеќе", вели Бога.
Мбапе во Лондон дури и се запознал со Дидие Дрогба и Флорент Малуда. Тој добил дрес од Челси со бројот 11 и неговото име на грбот, но сепак не испаднало ништо од трансферот.

РЕАКЦИЈАТА НА „СИНИТЕ" Е ДЕКА НЕ РАБОТЕЛ НАПОРНО

Иако биле задоволни од неговата брзина, дриблинг и техника, сепак, „Сините" увиделе дека Мбапе воопшто не знае да игра во дефанзива и дека не работи напорно.
Во Англија тренерите сакаат да се враќаш назад и да помогнеш во дефанзивата и да работиш напорно. Тој тогаш не го работеше тоа, не се враќаше назад. Кога топката беше кај него тој беше неверојатен, но без топката беше статичен. Затоа и побараа уште една проба. Сакаа да видат дали може да ги подобри овие работи", ги кажува причините зашто Челси не го ангажирал Французинот.

Но, што и да се случило ова е една од најголемите грешки во фубалот, кога станува збор за трансферите.
Требаше да го потпишат. Од оваа гледна точка, сега тоа е лесно да се каже. Но, во тоа време Челси имаше навистина добар тим. Мбапе е најдобриот фудбалер кој сум го скаутирал и многу сум горд на него", заврши Бога.

Најново во Меѓународен Фудбал