ИНТЕРВЈУ СО ХОЛАНДСКИОТ ФУДБАЛСКИ АС АРЈЕН РОБЕН

Да ме викнеше сер Алекс веднаш ќе потпишев за Јунајтед

Во интервју за магазинот „Фор фор ту" 34-годишниот Арјен Робен објасни зошто го одбрал Челси пред Манчестер Јунајтед, неговиот период во Реал под команда на Перез, како и за други моменти од својата кариера

објавено: 7 декември 2018 - 19:00

Еден од најдобрите фудбалери на Холандија во поновата историја Арјен Робен е веќе на залезот на кариерата. Крилниот фудбалер чија карактеристика е брзиот дриблинг и асистенциите, но знае да дава голови, на крајот на сезоната ќе се врати во татковината и таму ќе ја заврши кариерата. Тој десет години ги брани боите на Баерн, но пред неколку денови соопшти дека неговото време во Минхен помина и ќе се врати дома. Најверојатно во ПСВ или го матичниот Гронинген.

Во интервју за магазинот „Фор фор ту" 34-годишниот фудбалер објасни зошто го одбрал Челси пред Манчестер Јунајтед, неговиот период во Реал под команда на Перез, како и за други моменти од својата кариера.
Вечеравме со сер Алекс Фергусон во Манчестер и зборувавме за фудбалот и за животот. Ги погледнав и просториите на клубот, се беше како што треба, се вратив во ПСВ и потоа ништо не се случи. Немаше никаков контакт и договорот не се оствари", изјави Робен и додаде:

ПСВ во исто време разговараше со Челси, можеби им понудија повеќе пари, не знам... Разговарав со луѓето од Челси и ми се допаднаа нивните планови. Се сретнавме само еднаш и се беше завршено многу бргу. Да ми понудеше Јунајтед договор веднаш би прифатил и би го одбил Челси. Но тоа не се случи", изјави Робен кој за 12 милиони фунти дојде во Челси во 2004 година и работеше со Жозе Мурињо.

Жозе премногу бараше, но мислам дека тоа беше добро за мене во тие години, добро за мојот фудбалски развој. Јас сум човек кој сака да учи, да напредува и вредно да работи, затоа карактерно сум сличен како Мурињо. Тој е супер со луѓето, знае да ја крене самодовербата кај фудбалерите. Убави спомени ме поврзуваат за тој период", вели холандскиот интернационалец кој од „Стемфорд Бриџ" прејде во Реал Мадрид каде по две години, во 2009, му рекле дека мора да си оди.

Тоа беше чудно време. На подготовките играв многу добро, но Реал потроши многу пари на Роналдо, Чаби Алонсо, Бензема и Кака. Управата рече дека Снајдер, Хунтелар и јас мораме да си одиме затоа што треба да продадат некои играчи за да повратат дел од парите. Немав никакви проблеми со тренерот Мануел Пелегрини, тој не сакаше да си одам, меѓутоа претседателот Флорентино Перез донесе конечна одлука. Беше тешко, но отидов да потпишам за Баерн. Тоа се покажа како најдобра одлука во кариерата", вели Робен.

Холанѓанецот со Баерн освои осум шампионски титули во Бундес лигата, четири трофеја во Купот како и Лигата на шампионите во 2013 година и тоа по два порази во финалињата (2010 и 2012).

Пред третото финале, со Борусија Дортмунд, чувствувавме неверојатно голем притисок. Си помислував дека не ми е судено да ја освојам титулата во ЛШ... Верував во себе, верував во победа, а од друга страна си велев: „Па не сум до толку баксуз да играм три финалиња во ЛШ и да ги изгубам сите три". Никој не сака таква етикета на својата кариера. Тогаш би зборувале: 'Постигна многу работи, но не го крена трофејот од ЛШ'„ изјави Холанѓанецот.

 

Најново во Меѓународен Фудбал