КОЈ ЌЕ БИДЕ ПРВ ЧУВАР НА МРЕЖАТА?

Германија има продолжение на „Војната на голманите“

Нојер заздрави токму пред почетокот на СП и ќе биде прв избор, а изборот го разбуди гневот кај Тер Штеген. На светскиот шампион му се повторува ситуацијата со нетрпеливоста на голманите на СП во 2006 година

објавено: 10 јуни 2018 - 15:00

На неколку денови до почетокот на Мундијалот во Русија, во гермaнскиот национален тим се отвори дилемата: Кој ќе биде прв голман? Гледајќи ја сезоната која е зад нас на клупски план, малкумина и во Германија се надеваа дека на премиерата со Мексико на 17 јуни на голот на популарниот „Елф" ќе го видат Мануел Нојер. Прво, затоа што стандардниот чувар на мрежата на Баерн (М) огромен период беше надвор од фудбалските терени поради повреда, и второ, затоа што младиот чувар на мрежата на шпанскиот шампион Барселона, Марк-Андре Тер Штеген имаше одлична сезона зад себе. Но, Лев не би бил Лев, доколку не „тера по свое".

Во последната изјава потврди дека Мануел Нојер ќе биде неговиот прв избор на првенството, со што ја крена температурата во соблекувалната и го разбуди гневот кај младиот Тер Штеген, кој и јавно го призна своето разочарување од одлуката на селекторот.

„Разочаран сум од одлуката на селекторот. Очекував да бидам прв избор. Но, ќе се обидам да му помогнам на Мануел. Кога сте ја одиграле цела сезона и сте се одржувале на највисоко ниво, тоа е една навистина разочарувачка ситуација", не криеше голманот на каталонците.

Мануел Нојер го положи тестот кај Лев со последниот перформанс на пријателскиот меч со Австрија. Гледајќи ги оценките на репрезентативците, тој излезе дека од сите кои се појавија на оваа средба која „панцирите" ја загубија со 2:1, беше единствениот во оптимална форма. Тоа беше сосема доволно да го убеди предводникот на светскиот шампион да му ја довери улогата на прв голман на проверениот кадар, кој патем ќе ја носи и капитенската лента на својата рака.

Војната меѓу Кан и Леман во 2006-та

Германските новинари се присетуваат дека голманските напрегања и искри во соблекувалната не се нешто што првпат му се случува на германскиот тим пред настап на светско првенство. Ништо поразлично не беше ни пред почетокот на СП во 2006 година, кога домаќин на настанот беше токму Германија. Оваа тензија која сега се појави меѓу Нојер и Тер Штеген, можеби е „мачкина кашлица" за она што се случувало во кампот на германскиот тим за СП пред 12 години. Тоа беше последното СП пред ерата на Јоаким Лев. Тогаш како предводник на националниот тим беше Јирген Клинсман, а во костец меѓу стативите се фатија две легенди на германскиот и светскиот фудбал – Оливер Кан и Јенс Леман.

Односот меѓу Оливер Кан и Јенс Леман пред и за време на Светското првенство во 2006 година беше исклучително напнат. Битката која да биде стартен голман на Мундијалот пред домашна публика дотолку ја зовре атмосферата во соблекувалната, што тогашниот тренер на голманите во Бундестимот, Енди Кепке, му се јавил на Клинсман по еден конфликт меѓу Леман и Кан, барајќи од него да најде начин како да го смури вулканот, затоа што нетрпението лесно ќе се прошири и на останатите репрезентативци. Леман, пак, денеска без ракавици зборува за односот со Кан и вели дека освен спортското ривалство, ништо друго не се случувало меѓу нив двајца и дека за се што се пишувало во медиумите виновни се само медиумите во потрага по сензација.

„Јас бев се уште во Лондон кога Кепке ме барал за да се слушнеме со Клинсман. Приемот беше лош и не успеавме да разговараме. Потоа ми се јави сопругата од Германија и ми рече: 'Немаш поим што се случува тука'. Тогаш се ми стана јасно. Атмосферата беше надувана и сите чекаа да се вратам и Кан да ме фати за врат", вели Леман.

Но, тогашниот чувар на мрежата на Арсенал вели дека атмосферата не била токму-таква каква што ја прикажале новинарите. Леман ја доби довербата да биде прв голман, што секако не му се допадна на Кан, за кого и голем дел од јавноста сметаше дека треба да биде стартен голман на Бундестимот.

„Односот меѓу нас не само што го подобри ривалството, туку и квалитетот на двајцата. Мојот однос тогаш со Кан беше чиста петка. По последната пријателска во март 2006 година, стоевме рамо до рамо во микс-зоната и Оливер му рече: 'Претпоставувам дека јас ќе играм'. Јас стоев пет метри до него и му одговорив: 'Мислам дека јас имам подобри шанси'. Само се погледнавме и се насмеавме", вели Леман.

Клинсман беше во право, на потег е Лев
Леман ја доби довербата на Клинсман. Тој беше на голот на Германија на СП во 2006 година и беше еден од главните фактори што Германија дојде до полуфиналето. Во четвртфиналето против Аргентина кое заврши нерешено, Леман успеа да скроти два удари од 11 метри на „гаучосите", па Германија славеше со 4-2 на пенали и обезбеди пласман меѓу четирите најдобри. Пред изведувањето на пеналите, Оливер Кан, кој никогаш не се помири со тоа што остана резерва на Леман на ова првенство, спортски дојде на центарот, му се обрати на Леман, го прегрна и му посака среќа на својот „ривал" меѓу стативите на националниот тим.

Германија се избори за пласман во полуфиналето, но не успеа да дојде до големиот меч за светската круна. Сепак, изборот на Клинсман беше правилен. Леман ја оправда довербата, а ривалството со Кан го направи веројатно и уште подобар од формата со која дојде на Мундијалот од екипата на Арсенал.

Сега на ред е Лев и неговиот голмански избор. За него прва задача е да го одржи спокојот во соблекувалната пред Мундијалот, а потоа и да се обиде да го сочува светскиот трон.

Најново во Меѓународен Фудбал