НЕ ЗА ЏАБЕ ТРИ ГОДИНИ ПО РЕД СЕ ЕВРОПСКИ ПРВАЦИ

Играчите на Реал „газат“ и на Мундијалот

Кристијано Роналдо речиси сам ја носи Португалија кон осминафиналето, Лука Модриќ е „мозокот“ на Хрватите, а Тони Крос од синоќа е новиот херој на Германија

објавено: 24 јуни 2018 - 21:15

Реал Мадрид е тимот кој три сезони по ред доминира во елитната Лига на шампиони, каде што играат најсилните клубови во Европа. „Кралскиот клуб“ е апсолутен владетел, а играчите создадоа победнички менталитет и слика дека не може да загубат од никого.

Токму таа победничка сила на плавните ѕвезди на Реал, од клупско ниво се префрли и на репрезентативен план. Играчите на шпанскиот гигант едноставно блескаат на Светското првенство во Русија. 

Првата ѕвезда на Реал, Кристијано Роналдо засега е и прва ѕвезда на Мундијалот. Роналдо како капитен на Португалија, речиси сам ја води својата селекција кон осминафиналето. Тој е стрелец на сите четири погодоци досега за Португалија, која во дуелот од третото коло против Иран ќе треба да го потврди местото меѓу 16-те најдобри. 

Капитен, но и вистински мозок во својата репрезентација е Лука Модриќ. Креаторот на играта на Хрватска речиси е безгрешен досега. Тој ја држи целата игра на „коцкестите“ на средината на теренот, а во дуелот против Аргентина блесна на најдобар начин. Даде прекрасен гол со шут од преку 20 метри за водство од 2:0 и ги сруши ситенадежи на „гаучосите“ дека може да се спасат од пораз. Хрватска е веќе пласирана во нокаут фазата и речиси сигурно ќе биде првопласирана во својата група.

Тони Крос е новиот херој на Германија. Играчот за врска на Реал Мадрид, синоќа го даде погодокот со кој актуелниот светски првак ги задржа реалните шанси да продолжи понатаму. Крос погоди во 95 минута на дуелот против Шведска за победа од 2:1.

 

 

Најново во Меѓународен Фудбал