СИТЕ БЕА ШОКИРАНИ КОГА „АЅУРИТЕ“ БЕА ЕЛИМИНИРАНИ

Италија и Буфон може да имаат „помирна душа“, сепак Шведска била многу јака

Кога во ноември минатата година, четирикратниот светски првак беше елиминиран од „викинзите“, сите велеа дека тоа е едно големо изненадување

објавено: 3 јули 2018 - 18:47

Шведска за прв пат по 1994 година е дел од четвртфиналето на Светско првенство, а прв пат по далечната 1958 година победи на два меча по ред на Мундијалот. Во таа 1958 година, Шведска беше домаќин и славеше во четвртфиналето и полуфиналето, кога го направија и најголемиот успех, кога стигнаа до финалето, каде загубија од Бразил. 

Интересно е што многумина воопшто не веруваа во оваа генерација на „викинзите“ посебно што во 2016 година од репрезентативниот дрес се прости Златан Ибрахимовиќ. Сепак, Шведска покажа дека и без Ибра имаат многу квалитетен тим. 

Интересно е што Шведска во Русија стигна откако во плеј-офот ја елиминираше фаворизираната Италија. Таа елиминација на Италија претставуваше вистински шок и национална фудбалска трагедија на четирикратниот светски првак. Италија немаше пропуштено планетарен собир, токму од далечната 1958 година кога се играше во Шведска. Сега Шведска повторно беше нивна „ноќна мора“.

Дека елиминацијата на Италија не била случајна Шведска покажа со игрите во Русија. во четирите досегашни меча само на еден прими гол (во поразот од 2:1 против Германија). Во останатите три средби победи без да примат погодок. 

Ова беше 50 дуел на Шведска на Мундијалите. Само Мексико со 58 средби има повеќе настапи на Светските првенства, од оние селекции кој го немаат освоено трофејот. Шведска дефинитивно ги заслужи сите аплаузи со игрите во досегашниот дел од првенството. 

 

Најново во Меѓународен Фудбал