МИЛАН СЕ ВРАЌА, КОЈ Е ТУКА ОСВЕН КИНЕЗИТЕ

Кои се Фасоне и Мирабели?

Пред крајот на минатата сезона, со превземањето на Милан од страна на кинеските инвеститори, се случија и големи промени. Можеби и најзначајната е ангажманот на двајцата нови директори, Марко Фасоне и Масимилијан Мирабели, кои веднаш тргнаа во „акција".

објавено: 13 јуни 2017 - 18:55

Со сите сили Милан се обидува да го врати својот стар, шампионски сјај. И дефинитивно се најагилната екипа од Италија на почетокот на овој летен преоден рок.

Веќе се донесени четворица нови играчи како Матео Мусакио, Франк Кеси, Рикардо Родригез и Андре Силва. Но се најавуваат и други, нови, во прв ред Лукас Билја, кој е веќе пред вратите на „Сан Сиро".
А овие доста квалитетни работи ги реализираа токму двата нови директори, Марко Фасоне и Масимилијан Мирабели.
Штом беа поставени на одговорните позиции во еден од најтрофејните итало-клубови, овој двоец веднаш тргна во „акција", и експресно завршија неколку премини.
А можеби и најголемата победа ја однесоа над еден од најмоќните фудбалски менаџери на сегашнината, Мино Рајола.
Во случајот на Донарума, не само што не ги доби бараните услови, туку Фасоне и Мирабели не дадоа ништо повеќе за нов договор со сега веќе полнолетниот голман. Дури добија и согласност од него да остане во Милано, па на Рајола му остануваат само некои „трошки"...


Кои се овие двајца луѓе?
Двоец кој има одличен старт во славниот клуб, и важи за наследник на славните Адријано Галијани и Адриједо Браида.
За почеток, станува збор за искусни фудбалски работници. Во оваа работа, на пример, Фасоне е уште од 1987 година кога работеше во Јувентус во ерата на Лучано Моџи. А беше и во наполи од 2010 до 2012 година.


Период во кој „Под Везув" го донесе Едисон Кавани (за 17. милиони евра), кој подоцна беше продаден во ПСЖ за 63. милиони евра. Исто така, во тоа време Наполи се пласираше и во Лигата на Шампионите (по подолга пауза), а за прв пат од 1990 година го освои и Купот на Италија.

Малку време помина и во Интер, но не се разбираше најдобро со сопственикот Ерик Тохир.


Масимо Мирабели е познат како скаут на Интер, кој пак е заслужен за трансферите на Хрватите Иван Перишиќ и Марсел Брозовиќ за кои „сино-црните" очекуваат богати отштети во наредниот период.
Секако, искуството на овие двајца директори се гаранција дека тие си ја знаат својата работа, а тоа на најдобар начин го презентираа на почетокот на преодниот рок, кој е прв предуслов за исполнување на големите амбиции на клубот во оваа сезона. И онаа во која како примарна цел е пласманот во Лигата на Шампионите.
„Ако по утрото денот се познава", можно е многу брзо да се очекува почеток на една нова златна ера на „росо-нерите"...

 

Најново во Меѓународен Фудбал