Најмладиот во Серија А соиграч на Пандев

Пелегри за историја, играше за Џенова со неполни 16 години

Пјетро Пелегри е најмладиот фудбалер што настапил во Серија А, а вчеравечер против Торино одигра две минути за својот клуб Џенова

објавено: 23 декември 2016 - 11:45

Пред само неколку недели, Мојс Кејн стана првиот фудбалер кој заиграл во Серија А, а е роден во 2000 година. Кејн важи за еден од најголемите надежи на италијанскиот фудбал. Кејн е дел од италијанскиот првак Јувентус, а тренерот Масимилијано Алегри му даде шанса на мечот против Пескара, кога во игра влезе во 84 минута на местото на Марио Манџукиќ.

Три дена подоцна истиот играч дебитираше и во Лигата на шампиони, кога одигра неколку минути во победата над Севилја на гости. И во елитната европска лига е прв играч кој заиграл, а е роден во 2000 година.

Дека во Италија постојат многу големи таленти, покажа и тимот на Џенова. Калчолигашот во чии редови игра и капитенот на македонската репрезентација Горан Пандев, во своите редови го има најмладиот фудбалер кој некогаш заиграч во Серија А.

ИЗРАМНЕТ РЕКОРДОТ ОД 1937 ГОДИНА

На гостувањето кај Торино, тренерот на Џенова, Јуриќ реши во игра да го внесе тинејџерот Пјетро Пелегри. Надежта на италијанскиот фудбал има само 15 години и игра во нападот. Пелегри е роден во март 2001 година, што значи дека е помал за една година и еден месец од талентот на Јувентус, Кејн.

Пелегри дебитираше во италијанското првенство со 15 години и 280 денови, што е израмнување на рекордот за најмлад фудбалер во историјата на Серија А. Точно со 15 години и 280 денови, во далечната 1937 година за Рома дебитираше Амедео Амадеи. Сега, по речиси 80 години овој рекорд е израмнет.

СО 15 ГОДИНИ ИГРА ВО РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА ДО 17 ГОДИНИ

Пелегри е само шестиот играч во историјата на Серија А кој дебитирал со 15 години. Тој е талент за кого се предвидува блескава иднина. Член е на италијанската репрезентација до 15 години, играше и за У-16, а сега е дел и од У-17, што значи дека рамноправно игра со две години постарите тинејџери од него.

Според конституцијата (висок е 188 см), Пелегри се споредува со некогашниот голгетер Кристијан Виери. Сега е заедно со Пандев во тимот и има што да научи од македонскиот голгетер кој има освоено титли во Лигата на шампиони и Светското клупско првенство.

Најново во Меѓународен Фудбал