ПРЕД РЕВАНШ ДУЕЛОТ МЕЃУ РОМА И ЛИВЕРПУЛ НА „ОЛИМПИКО“

Италијанците стравуваат: Рим може да се претвори во бојно поле

Најавено е доаѓање на околу 3.500 англиски навивачи, а полицијата во главниот град на Италија има информации дека домашните хулигани подготвуваат жестоки напади

објавено: 30 април 2018 - 10:00

Реванш дуелот меѓу Рома и Ливерпул кој треба да се игра в среда на „Олимпико“ во Рим, уште сега е во центарот на вниманието, но не поради тоа што треба да се случува на теренот, туку поради тоа што се најавува дека ќе се случува низ улиците на Рим.

Италијанската полиција има најави дека домашните хулигани подготвуваат жестоки напади врз англиските фанови, кои најавија дека ќе пристигнат во голем број за возвратниот меч од Лигата на шампионите. Мечот ќе биде од висок ризик, а полицијата уште сега започнала со тактиката каде да ги распореди 2.000 полицајци кои требаат да бидат одговорни за редот и мирот во овие неколку дена.

Англиските фанови се предупредени дека не смеат да провоцираат и да закачуваат знамиња и други нивни транспаренти на главните плоштади, фонтаните и останатите знаменитости во градот. 

Како „предигра“ за тоа што италијанските хулигани го најавуваат за утре и задутре, се случи инцидентот во Ливерпул, кога околу 200 тифози на Рома без никакви обележја дојдоа до „Енфилд Роуд“ и започнаа да тепаат навивачи на Ливерпул. Во инцидентот потешко беше повреден еден постар англиски фан, кој беше прободен со нож и заврши в болница. 

Ривалството на овие два тима датира уште од далечната 1984 година, кога токму на „Олимпико“ играа во финалето од тогашниот Куп на Европски шампиони. Мечот заврши 1:1, а Ливерпул победи со 4:2 на пенали. Пред и по ова финале низ улиците на Рим имаше вистинска војна, кога голем број на англиски навивачи беа тешко повредени. Сега сите се надеваат дека вакви инциденти сепак ќе бидат спречени од страна на 2.000 италијански полицајци.  

Најново во Меѓународен Фудбал