ДЕПРЕСИЈАТА Е ЕДНА ОД НАЈСТРАШНИТЕ ПРОТИВНИЦИ НА ЛУЃЕТО

Како Киркланд ја избегна судбината на Роберт Енке и Гери Спид

Овој некогашен англиски репрезентативен голман, се откажа од фудбалот, поради истата причина поради која на трагичен начин заврши животот на двајца познати играчи

објавено: 13 октомври 2017 - 10:15

Цела Англија зборуваше кога во 2006 година Крис Киркланд влезе во второто полувреме на мечот против Грција и го запиша првиот настап во дресот на англиската репрезентација. Ова беше многу интересно, бидејќи неговиот татко 12 години претходно уплатил 98,10 фунти, дека неговиот син еден ден ќе брани за Англија. 

Тоа се случи, а таткото на Крис заработи 9908 фунти. Настапот на Киркланд во дуелот против Грција беше прв и единствен за него во дресот на „гордиот албион“. Тоа е убавиот дел од приказната за Крис Киркланд. темната страна, неодамна ја откри самиот играч. 

Некогашниот голман на Ковентри, Ливерпул и Виган решил да се откаже од фудбалот, од истите причини поради кои на трагичен начин животот го загубија Роберт Енке во 2009 година и Гери Спид, две години подоцна. Енке се фрли под воз, а Спид се обеси, поради депресијата, која ја имаа. 

„Секогаш сум се прашувал, дали ако не побарав помош ќе завршев како нив двајца? Да кренам рака сам на себе? Мислам дека немаше и тоа само поради моето семејство кое го имам. Сепак, добро се сеќавам на времето кога бев во тешка депресија“, открива Киркланд, кој сега има 36 години.

Прв пат почувствувал дека нешто не е во ред во 2012 година, кога го загубил стартното место во тимот на Виган. 

„Плачев кога морав да си заминам во Виган. Тогаш почувствував дека нешто не е во ред. Дека го губам тлото под нозете. Заминав во Шефилд, каде бев прв голман. За некое чудо, додека бранев, некако успевав да ги блокирам црните мисли. Сепак аксиозноста ме совлада. Кога семејството не беше до мене, ме фаќаше паника“, открива Киркланд. 

Кога требало да го продолжи договорот, тој решил да си замине и да биде поблиску до домот и неговото семејство. Потпиша за Престон Норт Енд, но и тоа не му помогнало. 

„Дојде време кога воопшто не сакав да излезам надвор. Немав никаква желба да разговарам со луѓето, дури ни со оние со кои бев многу добар. Не сакав ни на моболниот да му се јавувам на никого. Едвај чекав да се вратам од тренингот и да бидам дома. Немав поим што ми се случува и не знаев што да правам“, признава голманот. 

На крајот решил да побара професионална помош. Имал поддршка и од семејството и од Здружението на професионални фудбалери во Англија. Крис Киркланд вели дека сега се чувствува многу подобро и е среќен што навреме побарал професионална помош. 

 

 

 

Најново во Меѓународен Фудбал