НЕМА СОН КОЈ НЕ МОЖЕ ДА БИДЕ ОСТВАРЕН

Како од трета лига се стигнува до Манчестер Јунајтед

Немања Матиќ се потсети на една анегдота и разговорот со менаџерот додека играше во ниските лиги во Србија

објавено: 22 април 2018 - 15:00

Еден од најстандардните играчи во тимот на Манчестер Јунајтед, Немања Матиќ откри како во тинејџерските денови го шокирал неговиот менаџер, кога му рекол дека сака да игра во англискиот гигант. Матиќ воопшто нема ниту еден настап во српската прва лига, туку директно од третата лига во Србија замина во странство. 

„Во Србија играв за тимот на Колубара, што е како трета лига во Англија, а можеби и послаба. Заработував 80 евра месечно, а имав 17 години. Тогаш добив шанса да играм во Словачка и си реков зошто да не пробам“, се присетува Матиќ.

Играчот објаснува дека неговиот менаџер од тоа време имал други планови за него. Сакал Матиќ да игра во првата лига во Србија. 

„Тоа е интересно бидејќи мојот менаџер сакаше да играм во тим од првата лига во Србија, но јас не сакав. Тогаш ме праша: Па каде сакаш да играш? Веднаш му одговорив дека сакам да играм во Манчестер Јунајтед. Ме погледна зачудено како да сакаше да каже „абе што збориш ти“. Јас тогаш се шегував, но тоа само покажува дека се е можно“, вели Матиќ. 

Од тимот на Јединство во Колубара, Матиќ замина во тимот на Кошице, а потоа во Челзи, Витезе и Бенфика, за да сега го носи дресот на Манчестер Јунајтед. 

Најново во Меѓународен Фудбал