ФИФА ГО ПРОМОВИРАШЕ НОВИОТ ИЗБОР

Како селекторите и навивачите ќе го одберат најдобриот во свет?

Во новиот избор освен селекторите и капитените ги вклучи и навивачите и новинарите

објавено: 31 октомври 2016 - 21:43

Светската фудбалска федерација (ФИФА) го објави новиот начин за избор на најдобриот фудбалер во годината. ФИФА ја раскина соработката со „Франс Фудбал“ и веќе не е дел од доделувањето на популарната „Златна топка“. Сега светската федерација создава нова награда која ќе го носи името „Најдобри ФИФА фудбалски награди“. 

На овој начин, ФИФА ќе се врати на корените, кога самостојно го избираше најдобриот фудбалер во светски рамки во тековната година. Според планот, наградата за прв пат ќе биде доделена на 9 јануари 2017 година, а ќе се избираат најдобрите во категориите: најдобар фудбалер, најдобра фудбалерка, најдобар тренер, најдобар тренер во женска конкуренција, награда Ференц Пушкаш за најдобар гол, награда за фер-плеј, награда за навивачи и најдобри 11 во еден тим.

„Ова е нова награда, па и пристапот ќе биде различен и нов. На тој начин ќе ја славиме играта која сите ја сакаме“, рече претседателот на ФИФА, Џани Инфантино.

Според планот, 50 отсто од гласовите ќе дојдат од гласовите на селекторите и капитените на националните селекции, додека останатите 50 отсто ќе бидат во избор на навивачите и посебна група составена од околу 200 новинари.

На 4 ноември ќе бидат познати 23 играчи кои ќе влезат во трката за најдобар фудбалер во светот за 2016 година. 

Најново во Меѓународен Фудбал