И НАПАЃАЧОТ НА БОКА ЈУНИОРС НЕ СЕ СОГЛАСУВА СО КОНМЕБОЛ

КАРЛОС ТЕВЕЗ: Се надевам на голем спектакл, Ривер сега нема притисок!

Фудбалерите на Бока Јуниорс не сакаат повеќе да зборуваат за нередите, туку само се фокусираат на возвратната пресметка од „Копа Либертадорес" против Ривер Плата.

објавено: 7 декември 2018 - 12:55

Тие во четвртокот го имаа првиот тренинг на „Сантјаго Бернабеу", каде в недела од 20:30 часот ќе се игра реваншот со Ривер. Натпреарот е преместен од Буенос Ајрес во Мадрид од безбедносни причини.

„Важно е да бидеме со мирни глави и да се концентрираме на тоа што е најважно, финалето на „Копа Либертадорес", се првите зборови на напаѓачот на Бока, Карлос Тевез.

Во првиот натпревар на стадионот „Бомбоњера", Бока и Ривер одиграа 2:2. Реваншот требаше да биде одигран на „Монументал" на 24. ноември, но беше одложуван, бидејќи навивачите на Ривер го нападнаа клупскиот автобус во кој се наоѓаат фудбалерите на Бока и имаше повредени.

После неколку одложувања, Јужноамериканската фудбалска конфедерација (КОНМЕБОЛ) од безбедносни причини одлучи мечот да се игра во шпанскиот главен град, Мадрид.

„Се е тоа сега минато. Ќе играме важен натпревар и се надеваме тоа ќе биде еден голем спектакл", рече играчот за врска на Бока, Вилмар Бариос.

Неколку градови сакаа да бидат домаќин на натпреварот, но челниците на КОНМЕБОЛ се одлучија за главниот град и поради големиот број на Аргентинци кои таму живеат. Се очекува во градот да дојдат околу 10.000 илјади навивачи од Буенос Ајрес.

„Важно е дека овде имаме поддршка. Знаеме дека во Аргентина не е лесно. Жал ми е за навивачите, но не се виновни играчите. КОНМЕБОЛ одлучи финалето на „Копа Либертадорес" да се одигра овде и не размислуваа околу навивачите и играчите. Ривер имаше многу поголем притисок да игра на свој терен, а сега е 50:50. На домашен стадион финалето на „Копа Либертадорес" некои нешта одат против вас. Искрено, мислам дека е најправедно да се игра на стадионот на Ривер како што е планирано. Секоја друга одлука не е добра за Аргентинците и јужноамериканскиот фудбал", рече Тевез.

Се очекуваат големи безбедносни мерки, а шпанските медиуми пренесуваат дека на водачот на навивачите на Бока му е забранет влез во земјата, откако стигна во Мадрид, по што веднаш бил испратен во Аргентина.

„Тоа е важен пример за Аргентинците. Тоа е порака дека можеш добро да ги направиш работите. Тоа е пример дека можеш да забраниш доаѓање на насилни навивачи ако тоа го сакаш", додаде Тевез.

Бока ќе се обиде да го освои седмиот трофеј на „Копа Либертадорес", и на тој начин на првото место по успешност би се израмнила со Индепендиенте. Последен пат Бока беше победник на „Копа Либертадорес" во 2007. година.

Ривер е трикратен освојувач на тоа натпреварување, а последен пат во 2015. година. Двата големи аргентински ривали досега не играле во финалето.

Најново во Меѓународен Фудбал