СТАНА ОПАСНО ДА СЕ „ШИТКА“ ВЛЕЗНИЦА ЗА СУПЕРКУПОТ НА ЕВРОПА

Картите од 15 евра ги препродаваат за 600 евра, со ризик да „заглават“ една година во затвор

Собранието на Република Македонија ги изгласа новите предлози за санкции за фалсификување и нелегално продавање билет за Суперкупот кој ќе биде на 8 август во Скопје

објавено: 31 јули 2017 - 08:00

Ризикот да се препродаде или да се купи карта на „црно“ сега е многу поголем во Македонија. Собранието веќе ги донесе предложените измени и дополнувања на Кривичниот законик, со кој се предвидуваат воведување санкции за фалсификување и нелегално продавање билети за Супер купот на 8 август годинава во Скопје.

Овој Закон е донесен по барање на европската фудбалска федерација (УЕФА), а беше предложен од страна на четири пратенички групи. Со воведување на овој Закон, се очекува поуспешно организирање на најважниот фудбалски меч кај нас. 

Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед ќе играат на „Филип Втори арената“ на 8 август во борба за трофејот во Суперкупот на Европа. Фактот дека најтрофејните екипи во Шпанија и Англија ќе играат, беше причина за зголемен интерес за билети.

Откако УЕФА ги подели билетите, веднаш се појавија препродавачи на црно, во Македонија. Дури и на социјалните мрежи се нудат билети за многу повисока цена од реалната. Билет кој УЕФА го продаваше за само 15 евра, на „црно“ достигнува цена и од 600 евра.

Законот е донесен, а сега останува да се види дали ќе има санкции за оние кои сакаат да ги препродаваат билетите за Суперкупот на Европа.Казната за препродавачите е до една година затвор. 

Најново во Меѓународен Фудбал