ЕВРОПСКАТА АСОЦИЈАЦИЈА НА КЛУБОВИ ЗАСТАНА КОНТРА ФИФА

Клубовите се против СП со 48 репрезентации

Дополнително оптеретување на фудбалерите ќе биде доколку светската фудбалска куќа реши да се зголеми бројот на селекции учесници на Мундијалите

објавено: 15 декември 2016 - 14:15

Европската асоцијација на фудбалски клубови (ЕКА) застана против предлогот на ФИФА за зголемување на бројот на учесници на Светските првенства. Според ЕКА, треба да се задржи сегашниот формат од 32 селекции, а не да се додадат нови 16 репрезентации. 

Како главна причина за спротиставувањето на зголемување на бројот на национални селекции е поради тоа дека фудбалерите ќе имаат дополнителни обврски и замор.

„Темпото со кое играат професионалните фудбалери во текот на една година веќе е неподносливо. Бројот на мечеви кои треба да ги одиграат се премногу. Поради тоа, Извршниот одбор на ЕКА реши да застане против идејата на ФИФА за зголемување на бројот на учесници на Мундијалите. Сметаме дека во интерес на фудбалерите, но и на навивачите е да не се зголемува бројот на мечеви на СП“, рече претседателот на ЕКА, Карл-Хајнц Румениге.

Во организацијата на ЕКА членуваат 220 клуба од цела Европа. 

Најново во Меѓународен Фудбал