во наредните месец дена, ќе биде најважната работа во светот

Конечно дојде време: Денеска почнува Светското фудбалско првенство

Русија е домаќин на најдобрите 32 репрезентации од целиот свет кои ќе се борат за најзначајниот трофеј на „бубамарата“

објавено: 14 јуни 2018 - 10:00

Од денеска па до 15 јули, светот ќе го врти фудбалот. Почнува Светското фудбалско првенство во Русија. Ова е 21-ви планетарен собир на најдобрите селекции кои ќе се борат за „богињата“. Тоа е најзначајниот трофеј во историјата на најважната споредна работа во светот. 

Честа да го отворат Мундијалот ќе имаат домаќинот Русија во дуелот против Саудиска Арабија. Мечот ќе се игра попладнево од 17 часот на стадионот „Лужники“ во Москва. Пред почнување на дуелот, ќе има свечено отворање на СП. 

На турнирот ќе учествуваат 32-те најдобри репрезентации, а во следните 32 дена ќе се одиграат точно 64 натпревари. Мечевите ќе се играат на 12 стадиони во вкупно 11 различни градови во Русија, кои се распространети на 2000 километри. 

Селекциите се поделени во осум групи со по четири репрезентации. По трите меча во групната фаза, само првопласираните две од секоја група ќе продолжат во нокаут фазата, односно во осминафиналната рунда. Од тој момент, па се до крај ќе се играат мечеви на елиминација. 

Германија е актуелен светски владетел. Пред четири години на Мундијалот во Бразил, „панцерите“ во финалето со 1:0 ја победија Аргентина. Останува во следните месец дена да гледаме квалитетен фудбал, а на 15 јули да дознаеме кој ќе биде новиот светски првак кој ќе ја носи оваа титула во следните четири години. 

 

 

Најново во Меѓународен Фудбал