ВАРДАРЦИ ВЕРУВААТ ДЕКА ЌЕ НАПРАВАТ ЧЕКОР НАПРЕД

Грнчаров и Глигоров: Можеме да се носиме со Малме

Македонскиот фудбалски првак Вардар ќе игра против Малме, во второто коло од квалификациите за Лигата на шампионите, за сезоната 2017/18.

објавено: 19 јуни 2017 - 15:25

Македонскиот фудбалски првак Вардар ќе игра против Малме, во второто коло од квалификациите за Лигата на шампионите, за сезоната 2017/18. Своите очекувања ги искажа капитенот на шампионот, Бобан Грнчаров, кој смета дека Вардар доби противник со кој има големи шанси да се надигрува и да дојде до посакуваната цел, односно да мине едно коло во европското елитно натпреварување.

„Мислам дека во Малме добивме противник со кого можеме да се носиме и да бидеме во најмала рака рамноправни. Ова ни е трета година по ред да играме квалификации во Лигата на шампионите, и мислам дека сега е шансата да поминеме понатаму. Добро е што првиот натпревар го играме на гостински терен кај нив, и сметам дека имаме големи шанси. Со нетрпение го очекувавме противникот, и сега откако знаеме кој ни е противник се подготовуваме во Австрија за него. Од денеска па натаму ќе го следиме, ќе го анализираме и ќе знаеме повеќе за нашиот ривал во Лигата на шампионите", вели Грнчаров.

Своите очекувања од ждрепката ги искажа и заменик капитенот Никола Глигоров кој смета дека шансите за поминување понатаму се реални.

„Добивме противник кој што и го посакувавме и не го посакувавме. Сигурно дека имаше и посилни противници во ждрепката. Сега сме, така да кажам на „чисто", го знаеме противникот, ќе имаме можност да го анализираме и да се подготвуваме за него. Играме прво во гости, што на некој начин може, но и не мора да претставува некаква предност. Би било одлично доколку би постигнале гол во гости, кој што многу ќе ни значи потоа за натпреварот дома. Ќе дадеме максимум конечно во оваа сезона да го минеме тоа прво коло.", изјави Глигоров.

 

Најново во Меѓународен Фудбал