Двајца мајстори на фудбалот со хет-трик во ЛШ

Хет-трик за Меси и Месут, настрадаа Манчестер сити и Лудогорец

Мајсторите на фудбалската игра, Лионел Меси и Месут Озил, блескаа во втората вечер од третата рунда во Лигата на шампионите и постигнаа по три гола, во убедливите победи на Барселона со 4:0 против Манчестер сити, односно на Арсенал со 6:0 со Лудогорец

објавено: 19 октомври 2016 - 22:39

Мајсторите на фудбалската игра, Лионел Меси и Месут Озил, блескаа во втората вечер од третата рунда во Лигата на шампионите и постигнаа по три гола, во убедливите победи на Барселона со 4:0 против Манчестер сити, односно на Арсенал со 6:0 со Лудогорец.

Меси го прокнижи седмиот хет-трик во Лигата на шампионите и тој е рекордер во тој сегмент, од активните играчи во Лигата на шампионите. Патем над него беше направен и пенал, што Нејмар во финишот на мечот го промаши. Барселона сега има пет победи во низа против Сити, екипа што сега ја предводи Пеп Гвардиола, поранешниот тренер на Каталонците.

Месут Озил блескаше во Лондон, а интересно е дека тој ги постигна последните три гола за Арсенал. Алексис Санчез со феноменален лоб го отвори резултатот, а потоа како на филмска лента се редеа головите на Волкот, Окслејд Чембрлен и три на Озил.

Убедливи беа и Баерн со победа од 4:1 против ПСВ Ајндховен и Пари Сен Жермен против Базел со триумф од 3:0.

Во свој стил, минимално со 1:0, Атлетико Мадрид го победи Ростов на гости, а изненадување приреди Бешикташ со победа од 3:2 во Неапол, против Наполи.

Бенфика лесно го надигра и победи Динамо во Киев со 2:0, а идентично, тешкото искушение во Шкотска со триумф од 2:0, го мина Борусија Менхенгладбах, против Селтик.

Најново во Меѓународен Фудбал