ПАРИЖАНИ НЕМАА МИЛОСТ ВО ДУЕЛОТ ПРОТИВ СЕЛТИК

Јуве и Барса се здодевни, ПСЖ е во мода!

Додека дербито на колото кое се играше во Торино заврши без ниту еден гол, „светците“ во Париз ја решетаа мрежата на шкотскиот првак

објавено: 22 ноември 2017 - 22:40

Пари Сен Жермен дефинитивно има тим од кој треба да се плашат сите противници. Францускиот првак сезонава „гази“ во Лигата на шампионина УЕФА. Во петото коло ја завележа петата победа и тоа убедлива, против Селтик со 7:1. 

Ѕвезденото трио во нападот на ПСЖ, Нејмар-Кавани-Мбапе, повторно немаше милост кон противникот. Неочекувано, Селтик поведе со голот на Дембеле во 1 минута, но тоа како да ги налути домаќините. Следуваше гол шоу на францускиот тим. Нејмар погоди во 9 и 22 минута, а до полувремето по еднаш во листата на стрелци се запишаа и Кавани и Мбапе. 

Во второто полувреме погодија Верати, Кавани и Алвес, за убедливи 7:1 на крајот. По пет меча, ПСЖ има убедлива гол разлика од 24 дадени и само еден примен гол, со што покажува дека е еден од главните фаворити за титулата во елитната лига.

Ако ПСЖ приреди шоу за навивачите, европските гиганти Јувентус и Барселона одиграа досадни 0:0 во Торино. Типично италијански со калкулации, „старата дама“ освои само бод, кој не гарантира место во нокаут фазата, каде веќе сигурно е Барселона и тоа како првопласирана во групата. 

Базел со гол во 89 минута стигна до изненадувачка победа над Манчестер Јунајтед и си ги зголеми шансите за презимување во Европа. Сигурно во нокаут фазата ќе игра и Баерн Минхен кој со 2:1 победи на гости кај Андерлехт.  

Резултати: Андерлехт - Баерн Минхен 1:2, Атлетико М. - Рома 2:0, Базел - Манчестер Ј. 1:0, Јувентус - Барселона 0:0, ПСЖ - Селтик 7:1, Спортинг - Олимпијакос 3:1, ЦСКА Москва - Бенфика 2:0, Карабах - Челзи 0:4. 

Најново во Меѓународен Фудбал