ПОМИНАА 11 ГОДИНИ ОД ЛЕГЕНДАРНИОТ НАТПРЕВАР ПРОТИВ МИЛАН

Ливерпул го слави „Истанбул деј" - најголемиот пресврт во едно финале на ЛШ (ВИДЕО)

На денешен ден пред 11 години фудбалскиот свет беше сведок на најлудото финале во историјата на Лигата на шампионите.

објавено: 25 мај 2016 - 13:01

На Олимпискиот стадион "Кемал Ататурк" во Истанбул се сретнаа Милан и Ливерпул, дотогаш носители на десет титули во елитното фудбалско натпреварување. Иако далеку од доминантни во домашните првенства, самите имиња на учесниците во финалето предизвикуваше огромно внимание и беше гаранција за фантастична фудбалска претстава.

Но, дури и најголемите фанатици не можеа да го предвидат она што се случи во големиот турски град. Изгледаше дека Милан многу лесно ќе дојде до трофејот бидејќи со двата гола на Креспо и еден на Малдини по првото полувреме водеше со 3-0. Со речиси 37 години Малдини стана најстар стрелец во едно финале од Лигата на шампионите и се подготвуваше да го подигне својот петти пехар во ова натпреварување.

Но, фудбалерите на Ливерпул не планираа да се предадат иако по првото полувреме изгледаа како загубени на теренот. Навивачите продолжија со поддршката, а играчите вратија со еден блицкриг во периодот од 54. до 60. минута. Прво, Џерард погоди по центаршутот на Рисе, потоа Шмицер го совлада Дида од далечина за на крајот Гатусо да го совлада Џерард во својот шеснаесетникот, а Чаби Алонсо од "втора" да израмни на 3-3.

Милан се обиде да се консолидира, направи и неколку шанси, но не постигна четврти гол. Трагичар на финалето беше Андриј Шевченко кој во 119. минута утна два зицери во една акција, а потоа Дудек му го одбрани и клучниот пенал со што Ливерпул ја освои титулата.

Пресврт од 0-3 до 3-3 не е виден досега во едно финале од Лигата на шампионите. И една деценија по тој натпревар, навивачите и фудбалерите на Ливерпул победата во финалето ја викаат "Истанбул деј".

Најново во Меѓународен Фудбал