КРАЛСКАТА ДОМИНАЦИЈА ПРОДОЛЖУВА

Магијата на Бејл и грешките на Кариус донесоа нова титула за Реал

Ниту Ливерпул не успеа да ја спречи шпанската доминација во Лигата на шампионите. Реал Мадрид третпат едноподруго се закитува со круната во елитното клупско натпреварување на Стариот континент, а вкупно 13-та во историјата

објавено: 26 мај 2018 - 22:50

Финале во ЛШ за паметење. Возбуда, солзи, прекрасни голови и победа на Реал Мадрид со 3:1. Ни Ливерпул не успеа да ја спречи доминацијата на Реал и на шпанските екипи кои пет сезони по ред ја освојуваа титулата. Вечерва на Олимпискиот стадион во Киев, Реал го победи Ливерпул со 3:1 и остана на престолот на Европа. Реал третпат по ред ја освојува европската круна, а со тоа и тренерот Зинедин Зидан влезе во историјата како единствениот со три едноподруго титули во ЛШ.
ПОВРЕДАТА НА САЛАХ ГО СВРТЕ МЕЧОТ
Мечот го одбележаа повредите на Мохамед Салах, најдобриот фудбалер на Ливерпул и на Дани Карвахал пред крајот на првото полувреме. Египќанецот не можеше да продолжи откако во 30 минута излезе од игра поради повреда во дуел со Серхио Рамос. Пред тој момент Ливерпул беше доминантен на теренот, а по него „Црвените" тотално се распаднаа. По првото полувреме немаше голови, а во второто експлозија.
КАРИУС КАКО ЗАГУБЕН
На почетокот на второто полувреме Иско се најде во добра ситуација но ја погоди пречката, а веднаш потоа Кариус направи аматерски потег поради кој Реал поведе. Голманот направи потег кој не може да се објасни. Му ја пушти топката на Бејл кој ни крив, ни должен ја тресе мрежата на противникот за 1:0.
Но само неколку минути подоцна Сане успеа да им избега на дефанзивците на Реал и го изедначи резултатот (1:1).
НОЖИЧКИТЕ НА БЕЈЛ И НОКДАУТ ЗА ЛИВЕРПУЛ
Во 64 минута го видовме најдобриот гол во историјата на финалните натпревари во ЛШ. Марсело нафрли, а Бејл со ножички од далечина ја погоди мрежата за 2:1. Мане во 71 минута ја погоди стативата, а надежите на Ливерпул за реми и продолжувања ги стопи Бејл со својот втор погодок. Велшанецот шутираше од далечина, а Кариус ја испушти топката од раце и таа заврши во голот.
Конечни 3:1 за Реал и нивна 13 титула во историјата.

 

 

Најново во Меѓународен Фудбал