МАРКО ВЕРАТИ ЈА СПУШТА ТОПКАТА

Па и не мора да си заминам од Париз...

Играчот од средниот ред вели дека би бил задоволен и со останувањето во главниот град на Франција доколку челниците на ПСЖ успеат да направат шампионски тим...

објавено: 25 јуни 2017 - 17:38

Марко Верати веќе неколку недели е во центарот на вниманието во европскиот фудбал, секако најмногу по изјавата дека по секоја цена сака да заигра за Барселона, која пак од друга страна, е наводно, подготвена да го откупи неговиот договор со ПСЖ, и тоа со сума од сто милиони евра.
Сепак, покрај големиот број на пораки во кои велеше дека сака да заигра со Меси во ист тим Верати полека како да ја „спушта топката"...

„Не морам да си заминам од Париз по секоја цена. Сакам да видам дали овојпат клубот ќе донесе играчи со кои шампионските амбиции ќе бидат реални. Во тој случај, би бил среќен да останам. Секоја година велат дека ќе направат одличен тим, но резултатите ги гледаме... Ветувањата не се доволни. Ако се остварат ова лето, со задоволство ќе останам. Никој не ме тера сосила да си заминам"- вели Верати кој има договорна обврска со „светците" од Париз се до 2021 година.

Овој 24 годишен Италијанец го облече дресот на ПСЖ во 2012 година, и досега освоил вкупно 15. трофеи, вклучително и четири нционални титули.
Се шпекулира дека неодамна одбил продолжение на постоечкиот договор според кое би заработувал по 12 милиони евра годишно.

Најново во Меѓународен Фудбал