Англискиот тим слави голема победа

Памти па врати, Гвардиола конечно ја победи Барселона (ВИДЕО)

Манчестер сити благодарение на одличниот Гундоган и покрај негативата успеа да се врати во игра и на крајот даја совлада Барселона со 3:1. Ова е прв триумф на Гвардиола против својот поранешен тим

објавено: 1 ноември 2016 - 22:50

Пеп Гвардиола конечно ја надмудри „својата" Барселона. Екипата на Манчестер сити славеше голема победа од 3:1 над Каталонците во меч од четвртото коло од групата Ц во Лигата на шампионите.
„Граѓаните" успеаја да се вратат и покрај негативата која ја имаа и предводени од маестралниот Гундоган кој даде два гола, како и Кевин де Бруин, дојдоа до седмиот бод во ова друштво. Иако Барселона се уште останува првопласирана со девет бодови, сега разликата значително е намалена и само еден кикс може да ги врати шпанскиот шампион на второто место. Но, и да не биде така, овој триумф е важен пред сè на психолошки план за екипата од Манчестер, која можеби токму во оваа сезона ќе стигне до финалето.
Лео Меси по една одлична контра донесе водство на Барса во 21. минута, а до крајот на полувремето Гундоган израмни (39').

Вториот дел комплетно му припадна на домаќинот и преку Кевин де Бруин кој изведе одличен слободен удар дојде до водство од 2:1 (51'), додека конечниот резултат беше дело повторно на Гундоган кој по асистенцијата на Агуеро во 74. минута ја осигура победата.

АТЛЕТИКО, БАЕРН, ПСЖ И АРСЕНАЛ ВЕЌЕ ВО НОКАУТ ФАЗАТА

Благодарение на вечерашните триумфи, Атлетико Мадрид, Пари Сен Жермен, Баерн Минхен и Арсенал се сигурни патници во елиминациите. Сите овие тимови вечерва се мачеа да дојдат до бодовите.
Интересно беше во Софија каде што Лудогорец имаше експресно водство од 2:0 против Арсенал, но, четата на Арсен Венгер успеа да се извади и да направи комплетен пресврт за на крај да слават со 2:3.
Баерн исто така имаше негатива па на крајот победи против ПСВ со 2:1. Псж со гол во последните мигови триумфираше над Базел (2:1) а со истиот резултат и Атлетико Мадрид многу потешко од очекувањата дојде до трите бода против Ростов.

ЛИГА НА ШАМПИОНИ
РЕЗУЛТАТИ

Бешикташ – Наполи 1:1
Манчестер сити – Барселона 3:1
Атлетико Мадрид – Ростов 2:1
Бенфика – Динамо Киев 1:0
Лудогорец – Арсенал 2:3
Борусија Менхенгладбах – Селтик 1:1
Базел – Пари Сен Жермен 1:2

 

Најново во Меѓународен Фудбал