ПРАШАЊЕ Е КОЛКУ ПРВОПЛАСИРАНИТЕ ЌЕ ИМААТ ПРЕДНОСТ

Подобро да се биде втор во групите од ЛШ

Реал Мадрид, Баерн, Челзи, Јувентус... се само дел од екипите кои во ждрепката за нокаут фазата може да се паднат на оние кои сега се во улога на фаворити, бидејќи биле први во своите групи

објавено: 7 декември 2017 - 12:00

Синоќа се комплетираше групната фаза од Лигата на шампионите, по што беа познати 16-те екипи кои ќе продолжат во нокаут системот од елитното натпреварување. Првопласираните две од секоја група, ќе ја продолжат борбата за освојување на најзначајниот клупски трофеј. 

Според правилата на УЕФА, во ждрепката за осминафиналните дуели, нема да може меѓусебе да играат тимови од иста земја, но и тимови кои биле први во групата. Тоа значи дека првопласираните во групите треба да имаат некоја привилегија, бидејќи ќе играат против оние кои завршиле како втори. 

Сепак, ако се видат клубовите кои завршија како второпласирани, прашање е колку првите ќе бидат во привилегирана улога. Како втори се актуелниот европски првак Реал Мадрид, потоа Челзи, Баерн Минхен, Јувентус, Севилја... Единствено Шахтјор, Порто и Базел може да се гледаат како навистина полесни противници. 

Реал Мадрид две години по ред е на тронот на Европа, а во нокаут фазата започнува како второпласиран во групата. Затоа ќе биде интересно на ждрепката за Лигата на шампионите, која ќе биде следниот понеделник, да се видат кои тимови ќе имаат среќа, а кои ќе мора уште во првата фаза од нокаут системот, да играат дерби двомеч.

Најново во Меѓународен Фудбал