РЕПОРТАЖА ОД МЕЧОТ ПАРТИЗАН-БАТЕ

Македонските „Гробари“ не му донесоа среќа на Партизан (ФОТО)

Белград беше на нозе, сите посакуваа пласман во Лигата на шампионите, но фудбалерите изгореа во желбата да го израдуваат „дванаесеттиот играч" - навивачите кои за време на целиот меч грмогласно пееја и ниту еднаш не го оставија тимот на цедило, без разлика на случувањата на теренот.

објавено: 27 август 2015 - 14:02

Најголемиот српски град вриеше уште на неколку часа пред мечот, атмосферата на Калемегдан, а потоа и на „Кнез Михајлова“ наговестуваше дека натпреварот ќе биде вистински „бум“. Во околните паркови кои се наоѓаат непосредно пред стадионот воздухот беше измешан - загаден од автомобилите кои беа збиени како мравки а од околните локали, од каде што грмеа навивачки песни, се чувстуваше мирисот на скарата измешан со неизбежните факли...

Во трамвајот во кој се возев додека стигнам до „местото на настанот" имаше куп навивачи кои во транс, со насмевка на лицето, во алкохолизирана состојба пееја „Лига шампиони, Лига шампиони" и без разлика на поквалитетниот противник – веруваа во својот тим. Ме прашаа од каде сум - веднаш им кажав дека доаѓам од Македонија и дека сум прв пат во Белград на меч на Партизан. „Огнено крштевање, а?“, ми кажа еден од нив и се насмевна. „Парниот ваљак" кој меле во српското првенство беше далеку поевтин од белорускиот гигант, но затоа гробарското срце беше поголемо. Пред влезовите на трибините, најслушаните зборови беа „Има ли некој карта на продажба?", но од „светото парче хартија“ немаше ни за лек...

Ако капацитетот на фудбалскиот храм „ЈНА" на оваа средба беше 30 илјади гледачи, дефинитивно, на трибините имаше преку 33 илјади посетители, гладни за победа. Немаше место каде да падне игла. Се гледаше фудбал од секое можно дупче, сите ги следеа случувањата на нозе, а исто така, имаше луѓе качени на покривот на стадионот, само за да го гледаат својот Партизан. Атмосферата беше напната, но и покрај тоа домаќинот си ја заврши работата перфектно, затоа што немаше ниту еден инцидент. Беа ангажирани полициски служби од целата држава, а пред стадионот имаше дури и службеници на коњи.

Белград беше на нозе, сите посакуваа пласман во Лигата на шампионите, но фудбалерите изгореа од желба да го израдуваат „дванаесеттиот играч", навивачите кои за време на целиот меч грмогласно пееја и ниту еднаш не го оставија тимот на цедило, без разлика на случувањата на теренот. Иако беше забрането од УЕФА, на полувремето водачот на навивачката група на јужната трибина ги викна фудбалерите на Партизан и преку разгласот им порача дека мора да победат.

Единаесетте „црно-бели“ актери на нивното барање и им возвратија со аплауз, а на крајот - им ја исполнија само едната желба на навивачите. Но, онаа, втората, односно да постигнат три гола во мрежата на противникот - не успеаја, затоа што доцна се разбудија и почнаа да играат фудбал. Иако загубија, тие добија песна која грмеше 120 минути, иако мечот траеше само 90. По натпреварот, јужната трибина беше во транс и непрекинато ја пееше познатата навивачка химна на клубот „Добро памтам сѐ...“. Вреди да се напомене дека пред стартот на средбата од претполниот стадион специјални овации доби и стратегот Душко Вујошевиќ, икона на кошаркарскиот клуб Партизан, човек без кој „Гробари" не може да го замислат црно-белиот колектив. Тој беше во ВИП-ложата за да му даде поддршка на својот Партизан.



Дваесет навивачи на „црно-белите" кои тргнаа од Скопје со минибус се вратија дома со измешани емоции. Велат, „Ех, како не падна уште еден гол во мрежата на БАТЕ". Првата нивна желба пред да тргнеме за Белград беше 2-0 за Партизан, за да нема продолженија и воедно нивниот миленик да се пласира во елитата. Но, беа и среќни, затоа што ќе може да патуваат на уште најмалку три квалитетни средби во Лига Европа, нешто што Македонија никогаш го нема искусено во историјата.

Мартин Танасковски

Најново во Меѓународен Фудбал