ИНТЕРЕСНИ РЕЗУЛТАТИ ВО ЛИГАТА НА ШАМПИОНИ

Роналдо го даде 110 гол во ЛШ, ама не беше доволен за победа на Реал

Актуелниот европски првак Реал Мадрид мораше да се задоволи само со 1:1 во дуелот против Тотенхем

објавено: 17 октомври 2017 - 22:36

Актуелниот европски првак Реал Мадрид мораше да се задоволи само со 1:1 во дуелот против Тотенхем, во третото коло од Лигата на шампиони. Иако се играше на „Сантијаго Бернабеу“, Реал може да биде задоволен од ремито, бидејќи гостите имаа неколку одлични шанси за втор погодок, но резултатот на крајот остана тој што беше по првиот дел. 

Тотенхем поведе со автоголот на Варан во 28 минута, а Кристијано Роналдо од пенал погоди во 43 минута за 1:1. За Роналдо ова беше 110 погодок во Лигата на шампионите. Португалецот сега има 10 голови во 13 средби против англиски екипи. Повеќе од него има само Лионел Меси, кој дал 17 голови на екипи од Англија. 

Најубедлив вечерва беше Ливерпул, кој со 7:0 го растури Марибор во Словенија. Фирмино и Салах дадоа по два гола, а по еднаш во листата на стрелци се запишаа Кутињо, Чемберлејн и Арнолд.

Добрата вечер на англиските екипи ја надополни тимот на Манчестер сити, кој во дербито против Наполи, победи со 2:1. Стеринг и Габриел Жезус погодија за „граѓаните“ во првиот дел, а Диавара од пенал беше стрелец за гостите во 73 минута. Италијанците промашија еден удар од белата точка, кога Мертенс утна во 38 минута. 

Резултати: Апоел - Борусија Д. 1:1, Феенорд - Шахтер 1:2, Манчестер С. - Наполи 2:1, Марибор - Ливерпул 0:7, Монако - Бешикташ 1:2, Лајпциг - Порто 3:2, Реал М. - Тотенхем 1:1, Спартак М. - Севилја 5:1.

Најново во Меѓународен Фудбал