ДИРЕКТОРОТ НА БАЕРН ГО НАЈДЕ ВИНОВНИКОТ ЗА ЕЛИМИНАЦИЈАТА

Румениге: Судијата нѐ уништи, и делегатот призна дека сме оштетени

Директорот на Баерн, Карл Хајнц Румениге го најде виновникот за елиминацијата на неговиот тим во полуфиналето од Лигата на шампионите.

објавено: 4 мај 2016 - 11:11

Германскиот првак синоќа го победи Атлетико со 2-1, но тоа не беше доволно за пласман во финалето бидејќи шест дена претходно Баерн загуби во Мадрид со 0-1. Според Румениге, виновен за таквиот исход е главниот судија Џунејт Чакир кој, според него, го оштетил Баерн затоа што голот на Атлетико е постигнат од наводен офсајд, а прекршокот при пеналот за Торес беше направен надвор од шеснаесетникот.

„Се чувствуваме измамени, голот што го постигна Атлетико дојде по очигледен офсајд, а пеналот што го добија гостите беше за фаул надвор од казнениот простор. За главниот судија, ова беше втор полуфинален натпревар од ЛШ за седум дена, не знам дали тој може да го издржи ова темпо. Срамота е она што ни го направи, дури и делегатот на средбата ми призна дека сме оштетени", изјави Румениге.

Повторената снимка, а и фотографиите од натпреварот укажуваат на тоа дека Гризман не се наоѓа во офсајд позиција кога Торес го проигрува, додека Атлетико не го претвори во гол подарениот пенал од Чакир. Тоа, сепак, не го оспорува фактот дека турскиот судија не се снајде во улогата и, како и во неколку негови претходни изданија, повторно предизвика бура околу неговата арбитража.

Најново во Меѓународен Фудбал