ЕКИПИТЕ ОД НАЈСИЛНИТЕ ЛИГИ НЕ ИМ ДАДОА ШАНСА НА ПОСЛАБИТЕ

Во нокаут фазата од ЛШ, екипи само од шест земји

Шпанија и оваа година е рекордер и ќе има четири претставници во борба за трофејот. По три екипи доаѓаат од Англија и Германија, а со по два претставници се Италија, Франција и Португалија

објавено: 7 декември 2016 - 22:46

Актуелниот европски првак Реал Мадрид ја предводи групата од вкупно 16 екипи кои ќе презимат во Лигата на шампионите. „Кралскиот клуб" ќе се обиде да стане првиот тим кој успеал да ја одбрани титулата, но ќе има многу тешка задача за да го постигне тоа.

По комплетирање на шесте кола од групната фаза, останаа само најдобрите, а тие доаѓаат од само шест земји во Европа. Од Шпанија, порај Реал, тука ќе бидат и Барселона, Атлетико Мадрид и Севилја. Германија и Англија имаат по три претставници меѓу најдобрите 16. Баерн Минхен, Борусија Дортмунд и Баер Леверкузен се од Бундеслигата, додека Лестер, Манчестер Сити и Арсенал ќе ја бранат честа на Премиерлигата.

По два претставници имаат три земји и тоа Италија, Португалија и Франција. Од калчото тука се Јувентус и Наполи, Пари Сен Жермен и Монако доаѓаат од Франција, а меѓу најдобрите се и португалските гиганти Бенфика и Порто.

Според ждрепката, во осминафиналето нема да може да играат само екипи кои не се од иста земја, а исто така, не може да се погодат екипи кои завршиле првопласирани во своите групи или меѓусебе да се сретнат два тима кои биле втори во своите групи. Први во групите завршија: Арсенал, Наполи, Барселона, Атлетико Мадрид, Монако, Борусија Дортмунд, Лестер и Јувентус, додека втори се Севилја, Порто, Реал М., Баер Л., Баерн М., Манчестер С., Бенфика и ПСЖ.

Нокаут фазата во Лигата на шампионите ќе продолжи во февруари, што значи дека сега следува тримесечна пауза во елитната лига.

Најново во Меѓународен Фудбал