РУСИЈА ОСТАНУВА НЕГОВА ПОСЛЕДНА ШАНСА

Меси најави повлекување од репрезентацијата на Аргентина

Еден од најдобрите играчи на сите времиња, уште се нема израдувано на ниту еден трофеј со националниот тим

објавено: 19 март 2018 - 13:30

До стартот на Светското првенство во Русија остануваат помалку од 100 дена. Аргентина со Лионел Меси на чело, секако ќе биде еден од главните фаворити за тронот. Меси е играч кој во кариерата ги освои сите најзначајни трофеи на клупско ниво, но сепак кога се работи за репрезентативниот дрес, ситуацијата е поинаква. 

Аргентина со Меси нема освоено ниту еден голем трофеј. „Гаучосите“ го загубија финалето пред четири години на Мундијалот во Бразил, а потоа следеа два порази во финалињата на Копа Америка од Чиле. Едноставно Меси немаше можност да ги израдува своите сонародници. 

„Многу патуи плачев поради тие мечеви и загубените финалиња и тоа што не можам да го остварам сонот со националниот тим. Тоа што сум играл три финалиња не значи ништо, кога немаме трофеј“, вели Меси, кој додава дека планетарниот собир во Русија ќе биде последна шанса на оваа генерација на Аргентина.

Петкратниот освојувач на „Златната топка“ во јуни ќе наполни 31 година, а над 30 години се и Серхио Агуеро, Гонзало Игуаин, Анхел ди Марија, Николас Отаменди и Хавиер Маскерано. Тоа е „костурот“ на репрезентацијата која треба да настапи и на СП во Русија. 

„Ако сега не бидеме шампиони, мислам дека повеќе нема да имаме друга можност за тоа. Си замислувам како е да се крене трофејот на СП. Тоа отсекогаш бил мој сон. Моите желби се да бидеме светски прваци“, додаде Меси.

На Мундијалот во Русија, Аргентина е во група со Хрватска, Нигерија и Исланд. 

Најново во Меѓународен Фудбал