КАПИТЕНОТ НА „ГАУЧОСИТЕ“ ЈА ОТВОРИ ДУШАТА

Меси сака Аргентинците да бидат како Германците

„Тие имаат друг начин на подготовки, на работа и проценка на тоа што можат“, објаснува Лео

објавено: 17 мај 2018 - 09:30

Како се доближува почетокот на Светското првенство во Русија, така расте притисокот кај Лионел Меси. Капитенот на аргентинската репрезентација ќе ја има една од последните шанси да ги одведе „гаучосите“ до тронот. 

Иако Меси е еден од најдобрите фудбалери на сите времиња и ги освои сите најзначајни клупски трофеи, кога се работи за успех со националниот тим, тоа изостанува. Најголемото разочарување се случи на Мундијалот пред четири години во Бразил кога во финалето Аргентина загуби од Германија со 1:0 и тоа дури по продолженија.

Пред почетокот на СП 2018, Лео Меси реши неговата репрезентација да ја спореди токму со таа на Германија. 

„Би сакал барем малку да сме како Германија. Тие имаат друг начин на подготовки, на работа и проценка на тоа што можат. Во било кој дел од светот, репрезентацијата која ќе игра три финалиња за неколку години, ќе биде ценета, а тука во Аргентина за нас зборат дека ние не го цениме доволно дресот затоа што не сме освоиле титула“, објаснува Меси. 

Освен во финалето на СП 2014, Аргентина два пати по ред губеше и во финалето од Копа Америка и тоа на пенали од Чиле. „Гаучосите“ немаат освоено голем трофеј уште од трофејот во Копа Америка во 1993 година. 

Најново во Меѓународен Фудбал