УЕФА ЛИГА НА НАЦИИ - 3. коло

Митровиќ ја „стресе“ Подгорица (ВИДЕО)

Србија со голема победа на гостувањето во Подгорица. Полјаците водеа, па загубија дома од Португалија. Вредни победи за Косово и Азербејџан.

објавено: 11 октомври 2018 - 22:42

Во големото балканско дерби, фудбалската репрезентација на Србија славеше на гостувањето кај Црна Гора со 2:0 и дојде до втората победа во групата од натпреварите во „Ц“ лигата на новото УЕФА натпреварување, Лигата на нации. Исклучително вредната победа за Србија во оваа група ја донесе голгетерот на англиски Фулам, Александар Митровиќ со двата гола на гостувањето во Подгорица.

Најпрво Србите погодија од белата точка во 19. минута, а во последните 10-тина минути на мечот Митровиќ по вторпат ја затресе мрежата на домашните за конечни 2-0. Оваа победа ја остава Србија на лидерското место во групата со 7 бода, пред Романија која по вечерашната победа над Литванија има 5 бода, додека Црногорците се само трети со 4 бода.

Возбудувања имаше и на дуелот од „А“ Лигата во ова натпреварување, каде селекцијата на Португалија славеше на гостувањето кај Полска. Полјаците тргнаа фуриозно со голот на Пјатек по само 18 минути игра, но Португалците веднаш возвратија со голот на Андре Силва во 32 минута за израмнување на 1:1. Превртот за гостите го донесе автоголот на Глик во 42. минута.

Во вториот дел „морепловците“ преку Бернардо Силва во 52. минута погодија и за 3:1, а Полска до вториот погодок на мечот во Хорзов чекаше се до 77 минута, кога гостинската мрежа ја стресе Јакуб Блашчиковски.

Во „Д“ Лигата вредни победи остварија Косово и Азербејџан. Косоварите дома ја преслушаа Малта со 3:1, додека Азербејџан на гости ги совлада Фарските острови.

РЕЗУЛТАТИ - 3. КОЛО:
ЛИГА А
Полска - Португалија   2-3
ЛИГА Б
Русија - Шведска   0-0
ЛИГА Ц
Израел - Шкотска        2-1
Литванија - Романија  1-2
Црна Гора - Србија     0-2
ЛИГА Д
Ф. Острови - Азербејџан  0-3
Косово - Малта    3-1

 

Најново во Меѓународен Фудбал