„СПЕЦИЈАЛНИОТ“ ДОБИ СПЕЦИЈАЛНА ЛЕКЦИЈА ПО ФУДБАЛСКА ТАКТИКА

Монтела се покажа како „доктор“ за Мурињо: Севилја го елиминираше Манчестер Јунајтед

Бен Једер е херојот на шпанскиот тим. Влезе во игра во 72 минута и за само шест минути поминати на теренот даде два гола

објавено: 13 март 2018 - 22:36

Манчестер Јунајтед е елиминиран од Лигата на шампиони, откако во реваншот од осминафиналето, на свој терен загуби од Севилја со 1:2. Шпанскиот тим одигра одлично на „Театарот на соништата“ и на крајот заслужено е меѓу најдобрите осум екипи во Европа, за прв пат по точно 60 години. 

Севилја покажа дека воопшто не се плаши од англискиот гигант, иако Манчестер беше во улога на фаворит, откако првиот меч во Шпанија заврши без голови. Сепак по играта на „Олд Трафорд“ се покажа дека не е така. Гостите имаа контрола над топката, додека Манчестер се обидуваше со долги топки да го загрози противникот, но тоа немаше ефект, па по првите 45 минути немаше голови.

Статистиката покажа дека по 135 минути игра (90 минути од првиот меч и тие 45 од првото полувреме на „Олд Трафорд“), Манчестер имаше упатено само два прецизни удари кон голот на Севилја, додека Шпанците имале девет обиди. 

Дека тренерот на Манчестер, Жозе Мурињо ја имаше утнато тактиката, која беше безопасна за противникот се покажа и во продолжение. Немаше никаква опасност за гостите. 

Тогаш стратегот на Севилја, Винченцо Монтела реши да направи измена, која се покажа како клучна за двомечот. Во 72 минута, во игра го внесе напаѓачот Бен Једер, кој е новиот херој на навивачите на Севилја. По само две минути поминати на теренот, Бен Једер го совлада Давид де Геа и донесе водство на гостите. Уште еден шок за домашните навивачи се случи во 78 минута, кога Бен Једер го даде и вториот погодок за 2:0, по што беше јасно кој е тимот во полуфиналето. 

До крајот на мечот, Манчестер преку Лукаку даде само почесен гол, а Мурињо остана главен виновник за поразот и елиминацијата на фаворизираните „црвени ѓаволи“.

 

Најново во Меѓународен Фудбал