Хет-трик на Ериксен и убедлива победа на Данска од 5:1

На Ирците им останаа Серенадите, Данците патуваат на Мундијалот во Русија

Кристијан Ериксен долго ќе го паметат во Република Ирска, а предводени од неверојатниот фудбалер на Тотенхем, Данците славе а во Даблин со 5:1 и се пласираа на Мундијалот во Русија следната година

објавено: 14 ноември 2017 - 22:33

Кристијан Ериксен долго ќе го паметат во Република Ирска, а предводени од неверојатниот фудбалер на Тотенхем, Данците славеа во Даблин со 5:1 и се пласираа на Мундијалот во Русија, закажан за следната година.

Првиот меч во Данска заврши без голови. На „Авива“ стадионот вечерва, се тргна како по ноти за домаќините. Република Ирска поведе со голот на Дафи по само шест минути игра, но потоа настрада од данската петарда.

Гостите брзо се разбудија и со погодокот на Кристенсен израмнија на 1:1 во 29. минута. И во следниот час вистински час по фудбал одржа Ериксен. Со хет-трик и прекрасни голови ги нокаутира домаќините и ја стивна бучната атмосфера во Даблин. Од 32. до 74. минута играчот на Тотенхем и на данската репрезентација ја торпедираше мрежата на Рендолф и е вистински јунак на мундијалската приказна на Данците.Завршен печат на убедливиот триумф на гостите стави Бентнер со прецизен удар од белата точка во 90. минута.

Данците патуваат за Русија, на Светското првенство што ќе се игра во 2018 година, а Република Ирска ќе чека нова шанса за мундијалски настап.

Најново во Меѓународен Фудбал