КОГА РАКОВОДСТВОТО ЌЕ САКА ДА ГО СМЕНИ ИДЕНТИТЕТОТ

Не го чепкајте Ѓаволот

Популарниот колумбиски клуб Америка Кали го промовира новото лого на клубот за новата сезона, но фановите не се задоволни од таа промена и излегоа на протести

објавено: 12 јануари 2019 - 19:30

Традиционалното лого на клубот претставено од ѓавол со тризебец во раката и како шутира топка прв пат се појавува во 1940 година, а раководството реши да го промени со тоа што ѓаволот е тргнат и е ставена буквата А како и годината на формирање 1927 година.

Ѓаволот исчезнувал од логото на клубот во минатото, но тоа пред се било од религиозни причини, меѓутоа на почетокот на деведесеттите години на минатиот век е утврден и е постојано присутен до денеска. Фановите познати по прекарот „Црвени ѓаволи", а имаат и таква маскота покренаа кампања за враќање на ѓаволот.


Извршниот директор Рикардо Перес изјави дека промената има цел да ја промени енергијата во клубот и да го подигне расположението по деценија на тешкотии како на теренот така и надвор од него, и враќање на славните денови на клубот под водство на Габриел Очоа Урибе. Се работи за легендарниот тренер кој освоил седум титули од 1979 до 1991 година. Самиот Урибе лично побарал да биде отстранет ѓаволот од логото на клубот затоа што се противел на верските сфаќања. Како горд христијанин, тренерот не сакал да го бакнува логото со ѓаволот.

Ние сакаме да ги натераме нашите фанови да се потсетат каде бевме во 1979 година, кога ја освоивме својата прва шампионска титула. Сакаме да се сеќаваат и на финалето на Копа Либертадорес во 1980 година и да се вратиме на златните моменти", објасни Перес.

Америка (Кали) има 13 титули во колумбиското првенство, но од 2008 година се соочи со сериозни финансиски проблеми. Во 2011 година падна во Втората лига, па дури во 2016 се врати во елитата.

 

Најново во Меѓународен Фудбал