„РОСОНЕРИТЕ“ НЕКОГАШ БЕА СТРАВ И ТРЕПЕТ ВО ЕВРОПА, А СЕГА?

Нема спас за Милан, кога Арсенал му држи лекции по фудбал

Седумкратниот европски првак сега не може да помине ни една рунда во нокаут фазата од второто по ранг натпреварување

објавено: 9 март 2018 - 10:30

Арсенал е тимот кој се мачи да биде во чекор со најдобрите екипи во Англија. „Топчиите“ не може ни да сонуваат за титулата, бидејќи заостануваат 33 бода зад лидерот Манчестер Сити. Дури и зад четвртопласираниот Тотенхем се 13 бода помалку, што значи дека преку првенството нема да обезбедат место во Лигата на шампионите за следната сезона. 

Тимот на Арсен Венгер сезонава одигра 15 мечеви на гости и победи само три пати во Премиерлигата надвор од својот стадион. На четири гостувања реди само порази и тоа од екипи како што се Борнмаут, Свонси, Брајтон и во дербито од Тотенхем. 

Арсенал делува немоќно кога игра на гости во Премиерлигата, но тоа не е така во Лигата на Европа. Лондонскиот тим синоќа гостуваше на „Сан Сиро“ против Милан, во меч кој требаше да биде дерби од оваа фаза на натпреварувањето. 

Сепак од „дербито“ немаше ни „Д“ бидејќи Арсенал беше доминантен, а Милан делуваше изгубено. Иако „росонерите“ зад себе имаат седум европски титули, а сега беа и во низа од 13 меча без пораз, на дуелот против Арсенал, италијанскиот тим делуваше немоќно. 

Арсенал кој на гостински терен во Англија е посакуван противник за домаќините, против Милан одигра за две класи над калчолигашот, па затоа на крајот и заслужено победи со 2:0. Во текот на сите 90 минути Милан упати само еден директен удар кон голот на гостите, но и тој не беше голема опасност. 

Едноставно Милан кој некогаш беше страв и трепет во европски рамки, сега е тим кој е како посакуван противник, па дури и Арсенал, кој е очаен во своето првенство, синоќа на „Сан Сиро“ делуваше моќно во споредба со „росонерите“. 

Во овој момент, Милан дефинитивно е далеку од фудбалска Европа, а Арсенал сега делува многу посамоуверен по победата од 2:0. 

Најново во Меѓународен Фудбал