НОВ РЕКОРД НА ЛИОНЕЛ МЕСИ

Никој во историјата на фудбалот не постигнал толку голови за еден клуб

Со погодокот против Реал Мадрид, Аргентинецот стигна до 526 погодоци во дресот на Барселона, надминувајќи го рекордот на Герд Милер

објавено: 24 декември 2017 - 19:15

Лионел Меси повторно покажа дека кога игра против Реал Мадрид има посебна инспирација. Аргентинецот даде гол, а имаше и една асистенција, во победата од 3:0 на „Сантијаго Бернабеу“, против најголемиот ривал. 

Со голот од пенал, кога Барселона зголеми на 2:0, Меси испиша нов рекорд во светскиот фудбал. Тој стана фудбалерот со најмногу погодоци во историјата, постигнати за еден клуб. Меси има 526 голови во дресот на Барселона и зад себе го остави легендарниот стрелец на Баерн Минхен, Герд Милер.

Покрај овој рекорд, Меси стана и првиот играч кој 10 сезони по ред дава барем 15 голови во Ла Лига. Кога се работи за стрелците на „Ел Класико“ мечевите кои се играат во Мадрид, Лео сега има 15 голови, а зад него е Алфредо ди Стефано со 13 голови. Аргентинецот е рекордер и по вкупниот број на голови на „Ел Класико“ дуелите. Сега има 25 погодоци. 

Во 2017 година, Меси заврши со 54 голови, а Кристијано Роналдо остана на 53 голови. Барселона за прв пат во историјата има три победи по ред на „Ел Класико“ во првенствени средби. Минатата сезона, каталонскиот гигант победуваше со 4:0 и 3:2, а сега беше 3:0. 

Вкупниот биланс на дерби дуелите меѓу Реал Мадрид и Барселона е 95 победи за мадриѓани, 93 триумфи за Барселона и 49 нерешени со гол разлика од 399:387 во корист на Реал. 

Најново во Меѓународен Фудбал