ЧУДОТО ОД КОРДОБА

Од Трета лига до Копа Либертадорес

Уште една убава фудбалска приказна испишана од еден аргентински клуб кој во 2015 година водеше битки во третата лига, а сега е меѓу јужноамериканската елита

објавено: 16 мај 2018 - 17:00

Таљерес, фудбалски клуб од Аргентина, веројатно сте го прочитале само во обложувачките билтени. Овој клуб од градот Кордоба напиша историја со тоа што се пласира во Копа Либертадорес, најсилното јужноамериканско клупско натпреварување пандан на европската Лига на шампиони. Нивната приказна всушност е од од врвот до дното па назад. Но да одмине со ред.
Таљерес пред неколку денови успеа преку првенството да избори пласман во квалификациската фаза на Копа Либертадорес наредната година, благодарение на својот голман Гуидо Ерера. Во последното коло од првенството популарните „албиазул" (сино-бели) гостуваа кај последниот Олимпо, а беа пред шок бидејќи домашните го свртеја резултатот на 2:1 во 88 минута, а кога се чинеше дека тука е крајот се случи чудо. Во петтата минута од продолжението на времето судијата покажа на белата точка. А задачата ја презема голманот Ерера. Погоди за реми 2:2 и големо славје на теренот и на трибините. Резултат за петто место вредно квалификации за Копа Либертадорес. А и самиот факт што завршија пред аргентинските „тешкаши" и поранешни јужноамерикански шампиони Индепендиенте, Велез Сарсфилд, Ривер плејт, Естудијантес претставува сензација.


БОРБИ ВО ТРЕТАТА ЛИГА
Интересно, Таљерес пред три години играше во аргентинската Серија Ц (третата лига). Секако неидеална ситуација за клуб кој во 1999 година го освои КОНМЕБОЛ Купот (натпреварување слично на Купот на УЕФА које егзистирало од 1992 до 1999). Сега ќе води војна со најдобрите јужноамерикански клубови.
Таљерес во сезоната 2002 последен пат настапуваше во Копа Либертадорес. Во 2004 испадна од најсилната аргентинска лига поради очајните резултати во претходните две сезони (така беше системот на игра во Аргентина). Од тогаш па се до 2016 година не успеа да се врати во најсилната аргентинска лига.
Сега повторно се важни. Повторно ќе водат битки со јужноамериканските клубови, а со малку среќа можеби ќе ги видиме и во групната фаза.

ПОРАНЕШЕН КЛУБ НА ПАСТОРЕ
Таљерес е формиран во 1913 година од работиниците на железничката станица во Кордоба како одговор на тогашниот најпопуларен клуб во градот Белграно, кој доаѓа од центарот и именуван по генералот Мануел Белграно, учесник во аргентинските војни за независност и креаторот на знамето на Аргентина.
Таљерес е клуб на работничката класа во Кордоба, а споменавме дека најголемиот успех му е триумф во Копа Конмебол во 1999 и две шампионски титули во Втората аргентинска лига (1998 и 2016).
Боите на овој клуб ги бранел Хавиер Пасторе, сегашниот играч на ПСЖ. За овој клуб играле поранешните аргентински репрезентативци Кристијан Павон, Виктор Фереира, Уго Моралес, Лаутаро Формика...

Најново во Меѓународен Фудбал