почнаа сите да се орјентираат на пазарот на далечниот Исток

Поради Кинезите фали уште Лига шампиони да гледаме на пладне

Фудбалската експанзија во Кина доведува до тоа, да се корегираат и саатниците кога ќе започнуваат дерби дуелите во Европа

објавено: 13 февруари 2018 - 10:50

Најголемото светско дерби, шпанското „Ел Класико“ сезонава се играше во 12 часот на пладне во Мадрид. Тоа беше прв пат токму на пладне да се игра дуелот меѓу Реал Мадрид и Барселона, а причината беше едноставна. Кинескиот пазар и аудиториумот во најголемата земја во светот притискаше, дуелот да се игра во период кога ќе биде погоден за луѓето во Кина. 

По примерот на Реал и Барселона сега одат и во Франција. Челниците на федерацијата решија да отстапат од правилото, дерби мечевите да се играат во ударен, вечерен термин, па затоа дуелот меѓу Ница и Пари Сен Жермен, ќе започне во 13 часот. 

На сите им е јасно зошто е решено дербито во првенството да се игра во пладневните часови. Кинезите „се луди“ по Нејмар, Мбапе и Марио Балотели. 

„Преносот на мечот во термин кој е ударен за жителите на азискиот континент е уште еден чекор кон целта да се популаризира француското првенство  на тоа подрачје“, рече извршниот директор на француското првенство, Дидие Квило. 

Први кои започнаа со дерби мечевите да ги закажуваат во вакви термини беа Италијанците. Минатата сезона, градското дерби меѓу Милан и Интер се играше во 12:30 часот. Како што тргнаа работиве, може да се случи во иднина и дуелите од Лигата на шампионите да бидат преместени во термини кои повеќе ќе им одговараат на Кинезите, отколку на фановите во Европа. 

Најново во Меѓународен Фудбал