Вахид Халилхоџиќ е сменет на позицијата селектор на јапонската фудбалска репрезентација и тоа на само 65 дена до почетокот на Мундијалот во Русија.
Според челниците на јапонската фудбалска федерација причина е лошиот однос и комуникација на релација играчи-селектор.
„Му кажав само дека е готово и дека го раскинуваме договорот. Лоша беше комуникацијата меѓу него и репрезентативците. И ние сме виновни, но моравме да повлечеме ваков потег. Беше изненаден, а потоа и лут кога му соопштив дека е готово“, изјави Козо Ташима, првиот човек на јапонскиот фудбал.
Селектор на Јапонија на Светското првенство во Русија ќе биде Акира Нишино поранешен кормилар на младата јапонска селекција и тренер во неколку тамошни клубови.
Јапонија е во група со Полска, Колумбија и Сенегал во првата фаза од Мундијалот во Русија.