КЛУБОВИТЕ ЌЕ РАЗМИСЛАТ ДВА ПАТИ ПРЕД ДА НАПРАВАТ ИНЦИДЕНТ

Првенството во Грција продолжува, но со едно ригорозно НОВО ПРАВИЛО

По речиси 20 дена од инцидентот на дуелот ПАОК - АЕК, ситуацијата во шампионатот се нормализира

објавено: 27 март 2018 - 08:30

По скандалозниот меч меѓу ПАОК и АЕК и прогласениот мораториум во грчкиот шампионат, одлучено е повторно да продолжат возбудувањата во оваа лига. Инцидентот кој беше причина за прекин на првенството, се случи по една одлука на судијата, да го поништи голот на ПАОК во 90 минута при резултат 0:0, во мечот кој можеше да го реши и новиот шампион.

По одлуката на судијата да го поништи голот, на теренот на стадионот „Тумба“, влета газдата на ПАОК, Иван Савидис. Тој не само што влезе на теренот, заедно со своите телохранители, туку на реверот имаше и пиштол. По хаосот кој се случи, судијата го прекина дуелот, а засега нема конкретна разрешница. 

Тоа што се случуваше на „Тумба“ не беше прв таков случај во грчкото првенство сезоната. Многу чест навивачите беа тие кои правеа проблеми, а дел од мечевите беа прекинувани. 

Сега, челниците на федерацијата, заедно со државите власти, се договорија да се воведе правило кое вели „Оној клуб кој ќе направи повеќе од три инциденти, нереди на трибините, тепачки... автоматски ќе го загуби прволигашкиот статус“.

Сите клубови го прифатиле овој предлог, па останува да се види како ќе заврши шампионатот. По некомплетното 25. коло, АЕК е лидер со 54 бодови, два повеќе од ПАОК, додека Олимпијакос е трет со 50 бодови. До завршување на првенството остануваат уште шест кола. 

Најново во Меѓународен Фудбал