КОЈА Е ГЛАВНАТА РАЗЛИКА МЕЃУ ДВАЈЦАТА НАЈДОБРИ ФУДБАЛЕРИ?

Роналдо чека да му ја додадат топката, а Меси си игра со противниците

Еден од најдибрите дефанзивци во негово време, Рио Фердинанд открива зошто повеќе се восхитува на Аргентинецот

објавено: 16 март 2018 - 10:30

Некогаш беше меѓу најдобрите дефанзивци во светот, а сега работи како фудбалски аналитичар. Рио Фердинанд е играчот кој беше столб во одбраната на Манчестер Јунајтед. Низ годините поминати на „Олд Трафорд“ прво беше соиграч со Кристијано Роналдо, а потоа имаше задача да го чува како играч на Реал Мадрид. 

Рио играше и против Лионел Меси. Аргентинецот му „украде“ два пехари во Лигата на шампионите, кога Барселона во 2009 и 2011 година го победуваше Манчестер во финалето. Интересно е што во 2009 година, Меси даде гол со глава и тоа токму покрај Фердинанд како стопер во англискиот тим. 

Сега, во улога на аналитичар, Фердинанд ја открива разликата меѓу двајцата најдобри фудбалери во светот. 

„Меси и Роналдо се најдобрите играчи во светот, но постои една главна разлика меѓу нив двајцата. Кога Кристијано ќе излезе на терен има една цел, а тоа е да му ја додадат топката во ситуација кога ќе може да даде гол. Тој е голгетер и не се замара со враќање до средина на теренот, за да креира акција. За разлика од него, Лионел може да го видите и во улога на дефанзивен играч за врска, ја добива топката, ќе направи двојно додавање. Едноставно си игра со противникот и ја чека својата шанса. Постојано е вклучен во одредување на ритамот на играта. Тоа е главната разлика меѓу овие двајца играчи“, анализираше Фердинанд.

Рио беше воодушевен од играта на Меси во дуелот против Челзи.

„Човекот е магионичар. Кога ќе видите некој со предиспозиции како неговите, не очекувате дека може да прави такви работи. Кога играте против него, не ви дозволува ни да му се доближите, а не па да имате контакт со него. Играв во две финалиња против него и речиси сум сигурен дека не успеав ниту да го допрам. Ако му се доближите премногу, ќе направи потег да ви избега“, Фердинанд не штедеше пофални збориви за играта на Меси.  

Најново во Меѓународен Фудбал