МЕСИ И ПОНАТАМУ Е НАЈПЛАТЕН

Роналдо добива нов договор и 9 милиони евра повеќе од сега

Низ разни бонуси, Кристијано може да добие дополнителни два милиони евра и на тој начин ќе стигне до заработка од преку 30 милиони евра по сезона во Реал Мадрид

објавено: 21 април 2018 - 21:20

Најдобриот игач на Реал Мадрид, Кристијано Роналдо ќе добие нов побогат договор. Иако има 33 години, Роналдо и понатаму блеска на теренот и е најзаслужен за тоа што Реал е во полуфиналето од Лигата на шампионите, каде ќе се обиде трета сезона по ред да стигне до тронот на стариот континент. 

Според најавите, Роналдо ќе добие дополнителни девет милиони евра на новиот договор и на тој начин ќе стигне до 30 милиони евра по сезона. Оваа сума може да биде зголемена за уште два милиони, во зависност од бонусите кои би ги добил Португалецот. 

И со оваа плата Роналдо е на третото место на најскапоплатени фудбалери. Убедливо на првото место е Лионел Меси со заработка од 45 милиони евра по сезона, додека на второто место е Нејмар кој во Пари Сен Жермен добива 35 милиони евра. 

Актуелниот договор на Роналдо со Реал е до јуни 2021 година. Неговата вредност на светскиот пазар сега се проценува на 120 милиони евра. Португалецот дојде во Реал за сума од 94 милиони евра, во 2009 година, од Манчестер Јунајтед.

Најново во Меѓународен Фудбал