„ФРАНС ФУДБАЛ“ ГО ИЗБРА ПОРТУГАЛЕЦОТ

И официјално - Роналдо по четврти пат со „Златната топка“

Иако веста беше „пробиена" веќе одамна и целосно очекувана, сега и официјално, Кристијано Роналдо може да се пофали дека по четврти пат ја освои „Златната топка"

објавено: 12 декември 2016 - 20:09

Насловната страница на „Франс фудбал“ со победникот се појави и пред церемонијата во Париз, каде што Роналдо не присуствуваше да ја добие наградата која ја избираат 173 новинари, а од оваа година ги нема гласовите на капитените и селекторите на националните тимови.

2016 беше година за незаборав на Португалецот, откако прво со Реал Мадрид стигна до титулата од Лигата на шампиони како најдобар стрелец со 16 голови, додека потоа следуваше титулата од Европското првенство во Франција, прв голем трофеј во историјата на Португалија.

„Навистина е голема гордост да се освои четвртата златна топка. Емоцијата е иста како и со првата - ова е остварување на сонот. Никогаш не помислував дека четири пати ќе бидам освојувач на наградата. Морам да се заблагодарам на моите колеги, на националниот тим, на Реал Мадрид, на сите луѓе и играчи кои ми помогнаа да ја добијам оваа индивидуална награда", изјави Роналдо, кој не присуствуваше на церемонијата бидејќи е со Реал Мадрид на Светското клупско првенство во Јапонија.

За Роналдо ова е четврта „Златна топка“ во кариерата, а трета откако е во дресот на Реал Мадрид. Првпат беше избран за најдобар во 2008 година, како играч на Манчестер јунајтед. Потоа направи трансфер во Реал и во 2013 и 2014 година повторно го доби ова престижно признание.

 

 

Најново во Меѓународен Фудбал