КОМПЛЕТНА ДОМИНАЦИЈА НА „ПРИМЕРА“ ВО СВЕТСКИОТ ФУДБАЛ

Најдобрите фудбалери на светот играат во Шпанија!

ФИФА ги одреди тројцата финалисти во трката за најдобар фудбалер на светот за 2016 година

објавено: 2 декември 2016 - 17:51

Кристијано Роналдо, Лео Меси или Антоан Гризман?
Некој од овој „трилинг" на големи играчи на 9. јануари ќе биде прогласен за најдобар фудбалер на светот во изборот на светската фудбалска федерација ФИФА.
На тој начин уште еднаш шпанската примера ја потврди својата доминација во однос на „остатокот на Европа".
Светската куќа на фудбало ги објави имињата на тројцата финалисти, откако претходно го скрати изборот од поширокиот список од 23 кандидати за признанието на најдобар играч на светот.
Од оваа година оваа фудбалска организација повторно самостојно го доделува признанието „ФИФА играч на годината" со кое го бираат најдобриот фудбалер во календарската година која е на истек.
После шест години заеднички избор за „златната топка" со „Франс фудбал", ФИФА повторно реши да прави само свој избор за најдобриот.
Финалистите ги бираа навивачите, тренерите, играчите, и медиумите низ еден, би се рекло, комбиниран изборен процес.


Половина од бодовите во него ги сочинуваа гласовите на капитените и на селекторите на репрезентациите кои се членови на ФИФА, плус и гласовите на 200 спортски редакции ширум планетата. Другата половина ја чинеа гласовите на навивачите во интернет-анкета на официјалната страна на ФИФА, каде можеа да одберат по тројца кандидати.
Победникот ќе биде избран на гала свеченост во Цирих, на 9. јануари.


Најголеми шанси му се даваат на Кристијано Роналдо кој во 2016 година ја освои Лигата на Шампионите со Реал Мадрид, но и Европското првенство со Португалија.
Како и во претходните години, најголемиот конкурент му е Лео Меси, додека најмалку шанси му се даваат на францускиот ас од редовите на Атлетико Мадрид, Антоан Гризман.


За потсетување, додека ФИФА ја доделуваше наградата одвоено од „Франс фудбал" и од „златната топка", најмногу пати победуваа Бразилците. Ги имаше дури осум во оние 19. избори.
Најмногу пати досега победувале фудбалери на Барселона - шест.
А единствени фудбалери кои го направиле тоа во три наврати се Бразилецот Ронадло, како и Зинедин Зидан.

Најново во Меѓународен Фудбал