АНДРЕС ИНИЕСТА ВЕЛИ ДЕКА ИМА НЕШТО ШТО Е ПОВАЖНО ОД ПАРИТЕ

Ниту 200, ниту 300 милиони евра не може да го заменат Нејмар

Капитенот на Барселона потенцира дека парите не може да бидат замена за игрите кои Бразилецот ги дава на теренот

објавено: 29 јули 2017 - 11:30

Околу целата хистерија за трансферот на Нејмар од Барселона во Пари Сен Жермен, свое мислење даде и капитенот на каталонскиот гигант. Андрес Иниеста целата кариера ја помина на „Камп Ноу“ и е незаменлив на средината на теренот. Иниеста вели дека Нејмар не треба да си замине од клубот, но самиот играч ќе реши за својата иднина. 

„Не сакам да се мешам во целата приказна за Нејмар. Единствено Нејмар може да стави крај на сите шпекулации. Сите во Барселона сакаме тој да остане, но чекаме да видиме која ќе биде одлуката“, рече Иниеста.

Трансферот на капитенот на бразилската репрезентација би бил најскап во историјата на фудбалот. ПСЖ за него е подготвен да плати 222 милиони евра. Сепак, Иниеста вели дека не е секогаш се во парите. 

„Нејмар е еден од најдобрите играчи во светот. Тој е од голема корист во тимот. Едноставно сакам да остане во Барселона. Сакам нашиот тим да е најдобар во светот, а Нејмар е еден од најдобрите играчи. Дури ни 200, ни 300 милиони евра нема да може да го заменат Нејмар“, заклучи капитенот на Барселона.

Најново во Меѓународен Фудбал